Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во придружба на заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, денеска го посетија Дебар, откако за овој град и за Општината Центар Жупа, вчера беше укината кризната состојба, која беше воведена на 13-ти март заради спречување на ширење на коронавирусот.
При посетата, на која присуствуваше и градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, премиерот Спасовски упати порака на охрабрување до жителите на овие две општини, но и до сите граѓани во државата и нагласи дека во вакви ситуации се гледа дека знаеме, умееме и можеме да се справиме со овие тешки предизвици.
– Граѓаните на Дебар заслужуваат пофалба и признание заради дисциплинираноста и посветеноста во борбата против коронавирусот. И тоа покажува дека само преку посветеност и дисциплина, како и преку лична одговорност на граѓаните можеме да си помогнеме на себеси и на семејствата, да помогнеме генерално на државата – истакна премиерот Спасовски.
Премиерот Спасовски упати благодарност и до здравствените работници кои се најдоа во првите редови во справувањето со оваа криза, како и до припадниците полицијата и армијата, но и на сите припадници на државните и локалните институции за нивниот безрезервен придонес во спроведување на мерките.
– Се помина низ тежок период, но ништо сè уште не е завршено. Поминавме период кој можеби беше најтежок за Дебар и за Центар Жупа, меѓутоа во ниту еден момент не смееме да бидеме релаксирани, туку напротив да продолжиме со целосно почитување на мерките и препораките – нагласи премиерот Спасовски.
Вицепремиерот Османи посочи дека дисциплината на граѓаните на Дебар за време на 30-дневната кризна состојба, треба да се земе за пример за начин на кој треба да се справуваме со ова зло.
– Во оваа криза имаме три цели. Да го спречиме ширењето на коронавирусот. Да ги излечиме болните. И да ги ублажиме економските последици. А за сите овие Владата има свои планови – истакна вицепремиерот Османи.
Градоначалникот на Дебар, Дука изрази благодарност за поддршката од сите вклучени во овие тешки моменти.
При посетата владините претставници изразија сочувство до блиските на починатите, а на заболените од коронавирусот КОВИД-19 им посака брзо закрепнување.
Со завршување на постоењето на кризната состојба на овие подрачја, Владата заклучи да продолжат да се спроведуваат постојните одредби од донесените одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата за време на вонредната состојба на целата територија.