Европската комисја денеска објави програма за скратено работно време, што се однесува за земјите-членки со цел да им се помогне на компаниите во најтешко погодените земји да ги задржат работниците.
– Ова е европската солидарност на дело. За Италија, Шпанија и други. Тоа е за иднината на Европа“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лeјен, за новиот инструмент наречен „Сигурност“.
Тој е сличен на инструментот што го користеа некои членки за време на финансиската криза во 2008 година.
Според овој модел, државата плаќа за дел од платите на работниците, што им овозможува на компаниите да го задржат бројот на вработени и да ги намалат трошоците за време на кризата. Засега нема детали од каде ќе се повлечат пари за овој инструмент.
– Идејата е едноставна. Ако нема нарачки и компаниите немаат работа заради привремен надворешен шок како што се коронавирусот, тие не отпуштаат работници, туку вработените остануваат иако има помалку работа. Во вишокот време тие може да научат некои нови вештини од кои корист ќе има компанијата, но и тие самите – вели претседателката на Комисијата.
Фон дер Лејен додава дека ова е лекција научена од претходната финансиска криза, кога земјите членки кои имаа таков инструмент им помогнаа на милиони луѓе да ги задржат своите работни места, а компаниите да ја преживеат кризата.