Шведска се издвојува од остатокот во светот во справувањето со коронавирусот. Во оваа земја училиштата се отворени и нема ограничување на движењето со што скандинавската нација се впушта во она што еден здравствен експерт го нарече „огромен експеримент“.
Откако Велика Британија во понеделникот воведе низа забрани, Шведска е најголемата европска земја со најмалку ограничувања за тоа каде луѓето можат да одат и што можат да прават. Училиштата за деца до 16 години остануваат отворени, многу луѓе продолжуваат да одат на работа, а јавниот превоз и понатаму функционира со огромен метеж.
Шведските власти забранија јавни собири на повеќе од 500 лица, ги затворија универзитетите и колеџите за високо образование и ги советуваа работниците да останат дома доколку е можно. Рестораните и баровите се отворени.
Локалните медиуми се полни со приказни за илјадници луѓе кои се собираат во шведските ски-центри, кои до саботата го одржуваа својот ноќен живот отворен. Вирусот претходно лесно се прошири во планинските одморалишта во Австрија и Италија.
Јохан Карлсон, шеф на Шведската агенција за јавно здравје, минатата недела го бранеше пристапот на Шведска, велејќи дека земјата „не може да преземе драконски мерки кои имаат ограничено влијание врз епидемијата, а кои ќе ги нокаутираат функциите на општеството“.
Но, тој призна дека бројката од 90.000 луѓе што умираат годишно во Шведска „би се зголемила значително“ доколку здравствениот систем стане преоптоварен.
Во Шведска досега се пријавени 2.300 случаи на ковид-19, 40 смртни случаи и 16 излекувани. Тоа се споредува со повеќе од 6.000 смртни случаи во Италија, најтешко погодената земја во Европа.
– Иднината сè уште изгледа дека може да се контролира – рече Андерс Тегнел, државен епидемиолог во Шведска.
Властите велат дека не ја спроведуваат стратегијата „имунитет на стадото“, според која голем дел од населението треба да се инфицира со вирусот со цел општеството да изгради имунитет.
Наместо тоа, Шведска се обидува да го забави ширењето на инфекциите и да осигури дека нејзиниот здравствен систем нема да биде преоптоварен.
Медиумите пренесуваат дека ситуацијата на улиците на Стокхолм се променила „драматично“ во последните неколку недели и покрај отсуството на законски ограничувања, при што многу помалку луѓе излегуваат надвор.
Јоаким Роклов, епидемиолог од универзитетот Умеа, рекол дека шведските власти преземаат огромни ризици со јавното здравство кога толку многу работи се непознати за коронавирусот.
– Не гледам зошто Шведска би се разликувала од другите земји. Тоа е огромен експеримент. Постои голем ризик Шведска да мора да премине во карантин кога здравствениот систем ќе западне во криза – изјави тој за „Фајненшл тајмс“.
Опуштениот пристап на Шведска е во контраст со нејзините нордиски соседи. Данска, Норвешка и Финска ги затворија училиштата, ги затворија своите граници и наметнаа други ограничувања.
Премиерот на Шведска, Штефан Лофвен, во видеообраќање ги повика сите да преземат улога во спречувањето на ширење на вирусот, на пример, да не ги посетуваат постарите роднини, да работат од дома и социјално да се дистанцираат.
Тој во неделата го искористи телевизиското обраќање до нацијата за да предупреди дека може да дојде до порестриктивни мерки, бидејќи призна дека следните неколку месеци ќе биде тешко. Лофвен ги повика луѓето да преземат одговорност и да ги следат препораките на владата.
Во понеделникот поранешниот државен епидемиолог од Шведска и сегашен советник во Светската здравствена организација (СЗО), Јохан Гисеке, ги охрабри Швеѓаните да излезат и да уживаат во пролетното сонце.
– Земете пријател и прошетајте на еден метар оддалеченост еден од друг. Не прегрнувајте го соседот. Земете термос и седете на клупа во парк. Лошо е и за здравјето да се седи дома – рече Гисеке.
Погрешен или правилен пристап, се чини дека Шведска е во подобра состојба од соседите, според бројот на пријавени случаи.
Во вторникот, Шведска објави 2.272 потврдени случаи на нов коронавирус, додека Норвешка и Данска – во кои има околу половина од населението на Шведска – пријавиле 2.566 и 1.577 случаи, соодветно.
Сепак, во сите скандинавски земји се верува дека има голем број непознати случаи, бидејќи тестирањето се прави само на пациенти со сериозни симптоми.