Министерот за надворешни работи Никола Димитров синоќа се огласи на социјалните мрежи во врска со непочитувањето на апелот граѓаните да се возржат од патувања, во ситуација кога се шири заразата од коронавирусот.
– Апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1.331 – посочи министерот.
Тој вели дека не сака да навлегува во мотивите бидејќи можеби станува збор за нужни патувања, но нагласува дека на граѓаните изгледа недоволно им е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот.
– Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа. Во услови на ваква огромна глобална криза, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале – нагласува министерот, кој уште еднаш апелира луѓето да ги одложат сите патувања кои не се исклучително итни.