Надлежните ги заборавија или не можат да постигнат да ги искосат сите тревни површини во градов. Многумина се прашуваат дали затаија службите за одржување и за косење на тревниците или, пак, поради дождовите вегетацијата толку многу порасна што не може да постигнат секаде да косат по неколкупати. Но има делови што одамна и воопшто не биле чепнати. Во некои делови од градов високите треви станаа вистински змијарници, а појавата на змиите уште повеќе ги плаши граѓаните да минуваат покрај вакви неискосени површини. Неодамна змија беше видена покрај стадионот во Ѓорче Петров, а по реакциите на граѓаните по социјалните мрежи тревата беше искосена. Од општините велат дека за косењето на тревниците имаат ангажирано и сезонски работници, а тие се надлежни да ги искосат тревите во училиштата, амбулантите и во другите општински институции. Ако се погледне на терен, неискосени треви ќе се забележат не само во општините и општинските сообраќајници, туку и во населбите од централното градско подрачје. Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ тврдат дека оние површини што се во нивна надлежност ги коселе и неколкупати.
– ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно за косење и за одржување на зеленилото на главните булевари и магистрални улици, како и во поголемите градски паркови. Сите површини под наша надлежност се искосени најмалку шест пати досега. Градскиот парк е искосен десет пати, а булеварското зеленило во населбата Аеродром е искосено веќе осум пати. Зеленилото во населбите меѓу блоковите го косат општинските работници и општините се одговорни за неговото одржување – велат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. С.К.