Во светот има и пресуди кога се изрекуваат затворски казни што едно човечко суштество не може да ги издржи, затоа што едноставно животниот век никако не се вклопува во времетраењето на казната
Во зависност од кривичното дело што го извршиле одредени лица, зависи и казната што тие ќе ја добијат. Некои добиваат условна казна, други мал временски период поминат во затвор, но оние што извршиле доста тешки кривични дела добиваат десетици години затвор или, пак, доживотен затвор. Во светот има и пресуди кога се изрекуваат затворски казни што едно човечко суштество не може да ги издржи, затоа што едноставно животниот век никако не се вклопува во времетраењето на казната.
Чамои Типјасо од Тајланд
Најдолгата затворска казна изречена од судските власти ја добила Чамои Типјасо од Тајланд, која во 1989 година добила затворска казна од 141.078 години.
Таа била сопруга на тајландски воен офицер, но тоа не ја спречило да се инволвира во пирамидална шема, која измамила 16.231 лице за повеќе од два милиони фунти.
Сепак таа имала среќа, затоа што, и покрај енормно високата казна што ја добила, законот бил на нејзина страна бидејќи максималното време што еден криминалец можел да го помине во затвор за измама изнесувало 20 години.
Отман Ел Гнаои од Шпанија
Слична казна како и онаа на Чамои добил Отман Ел Гнаои од Шпанија. Неверојатни 42.924 години затвор му биле изречени од шпанскиот суд. Пресудата била за масовно убиство за време на бомбардирањата на возови во Мадрид во 2004 година.
Неговиот соучесник Јамал Зогам добил 42.922 години за бомбардирањето во кое животот го загубија 191 лице.
Исто како и тајландскиот, така и шпанскиот затвор го лимитира времето што одреден криминалец може да го помине во затвор, па двајцата осуденици ќе останат во затвор 40 години.
Чарлс Скот Робинсон од САД
Чарлс Скот Робинсон добил 30 илјади години затворска казна во Оклахома, Соединетите Американски Држави.
Против него имало шест обвиненија,в а судот му одредил по пет илјади години за секое обвинение.
Во 1994 година, на Робинсон му се судело за силување дете. Судијата бил презаситен од криминалци што ќе го одлежат своето и повторно се враќаат на слобода, каде што го повторуваат делото или пак прават ново, уште позастрашувачко дело. Затоа, сакал да се осигури дека овој криминалец нема да излезе од затворот, па за секое дело поединечно му одредил казна затвор од пет илјади години, или вкупно 30 илјади години.
Судијата на судењето искоментирал дека е сигурен дека Робинсон остатокот од својот живот ќе го помине во затвор.
Дарон Беналфорд Андерсон од САД
Откако бил осуден за кражба, киднапирање и силување на постара жена во 1993 година, Андерсон се надевал дека ќе добие милост и дека ќе му се намали затворската казна, која изнесувала 2.200 години.
На почетокот работите почнале добро за него, затоа што тој добил можност за ново судење. Судењето секако завршило со затворска казна, но наместо намалување на затворската казна, тој добил 11.250 години затвор.
Од затвор тој треба да излезе на први август, 9746 година. Неговата затворска казна добиена по жалба е влезена во Гинисовата книга на рекорди, и тоа како најдолга затворска казна добиена по поднесена жалба.
Неговиот соработник Алан Меклорин имал повеќе среќа. Тој добил намалување на 500 години од првичната казна. Сепак, нема да дочека да излезе од затвор затоа што оригиналната пресуда изнесувала 21.250 години затвор.
Дадли Вејн Кузер од САД
Дадли Вејн Кузер, познат како убиецот од Ноќта на вештерките, за убивање на својата жена добил десет илјади години од судот во Алабама.
Опишан како роден убиец, тој ги убил сопругата Диана Кузер, нејзината мајка Јунис Барингер и Рик Пирон, колега студент, кој се нашол на погрешно место во погрешно време. Сето тоа се случило за време на американскиот празник Ноќ на вештерките во 1976 година.
Тој бил осуден на смртна казна во 1977 година, но во 1980 година Врховниот суд на САД ја сменил пресудата. Како резултат на тоа, Кузер добил две доживотни затворски казни за убивањето на тештата и студентот, плус уште десет илјади години за убивањето на сопругата.
Андру Астон од Обединетото Кралство
Најдолгата затворска казна што некој криминалец ја добил во Обединетото Кралство изнесува 26 доживотни затворски казни, кои му биле пресудени на Ендру Астон во 2002 година.
Во 2001 година, Астон, кој бил зависник од кокаин ограбил 26 стари и немоќни лица во нивните домови.
Две лица од нападнатите починале како резултат на повредите што им ги нанел Астон.
Тој бил обвинет за две убиства и 24 обвиненија за кражба.
Тој дури не сакал да се изјасни како виновен за да добие помала затворска казна, туку сакал да добие регуларно судење за секој пензионер што го нападнал.
Рекордер во самица
Алберт Вудфокс од Соединетите Американски Држави излегол од затвор, каде што поминал неверојатни 43 години во самица. Неговата казна се смета дека е најдолгата во историјата извршена во самица. Поминувал 23 часа секој ден во ќелија голема метро на метро и половина, цели 43 години. Му било дозволено да поминува само еден час надвор, каде што исто така бил сам. Тој издржувал затворска казна, затоа што тој и уште две лица, познати како Анголската тројка, биле осудени за убиство на затворски чувар во 1972 година, за време на протести во затворот за нехумани затворски услови, а секогаш тврдел дека е невин.