Ескалацијата на состојбите во Сирија би можела да ги наруши односите меѓу Москва и Анкара, нагласи рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Путин вчера во Москва на состанокот со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган порача дека била неопходна нивна директна средба поради ескалацијата на состојбите во сириската провинција Идлиб, која можела да ги наруши односите меѓу двете земји.
– Секогаш имаме за што да разговараме, но сега ситуацијата во зоната Идлиб ескалира толку многу што бараше средба лице в лице – рече Путин.
Тој нагласи оти морало да се разговара за да се не се уништеле „внимателно изградените и толку ценети“ руско-турски односи. Путин уште еднаш му изрази сочувство на Ердоган за неодамна убиените 34 турски војници во Сирија, нагласувајќи дека сириската армија не била свесна за нивната локација. Рускиот претседател му се заблагодари на Ердоган што нашол можност да допатува во Москва за да се одржи средбата. Ердоган, пак, рече дека таа била „од голема важност“ зашто целиот свет го вперил „погледот кон Москва“. Тој исто така изрази надеж дека одлуките од средбата ќе ги намалат тензиите на боиштата.
Русија и Турција изминатиот период се најдоа на работ на војна поради операциите во Сирија, меѓусебно обвинувајќи се за прекршување на постигнатите договори. Турција ги напаѓа силите на претседателот Башар ал Асад, додека тој се обидува да ја заземе последната провинција од бунтовниците. Турција е членка на НАТО и има втора најголема војска во Алијансата, додека Русија е сојузник на Асад, па евентуален пожесток судир меѓу Анкара и Дамаск, лесно може да ги вовлече во конфликтот Русија, Европа, САД и другите светски и регионални сили, предупредуваат експертите.