Брзиот напредок на технологијата и грижата за животната средина создаваат услови во кои компаниите и произведувачите на мотоцикли почнуваат да развиваат алтернативни начини на погон. Транзицијата од мотори со погон на нафтени деривати кон мотори со електричен погон е сосема разбирлива (истото се случува и во автомобилската индустрија). На оваа тема се зборува многу и голем број развиени земји почнаа да ветуваат дека плановите за исфрлање на бензинските мотори од употреба набрзо ќе стапат во сила. На некој начин, сите возила ќе еволуираат и ќе почнат да користат еколошки прифатливи мотори, а заедно со нив и технологијата на електрични погони, како и инфраструктурата за нивно лесно користење. Следствено, мотоциклите и компаниите што ги произведуваат мора да ја следат оваа еволуција ако имаат намера мотоциклите да останат на улиците низ светот.
Во моментов, најсериозен проблем за електричните мотоцикли е недостигот од издржливост и краткотрајноста на батериите (акумулаторите), како и долгиот временски период за кој се полнат, но и недостигот од инфраструктура, односно места на кои мотоциклите би ги полнеле своите батерии. Со оглед на потребите на секојдневното живеење, технологијата на електрични мотоцикли сè уште има потреба од големо унапредување и развивање за да биде корисна за моторџиите низ светот.
Иако претходните констатации наведуваат на тоа дека нема услови за практична употреба на електричните мотоцикли, сепак постојат повеќе различни компании што почнаа да ги развиваат и произведуваат овој нов вид возила, па затоа подолу ќе ги разгледаме оние што досега ветуваат најмногу за следните години.
ЗИРО МОТОРСАЈКЛС
Компанијата „ЗИРО моторсајклс“ е основана во Калифорнија, САД, како стартап-бизнис во 2006 година. Во нивното 12-годишно постоење, тие успеаја да се развијат во компанија што е многу важна во сферата на електричните мотоцикли и еден од лидерите за развој на овој вид возила на две тркала.
Од „ЗИРО моторсајклс“ го презентираа нивниот исклучителен мотоцикл, наречен „ЗИРО СР“. Можеби не е најбрзиот, не може да измине голем број километри со едно полнење на батеријата и не е воопшто евтин, но има и многу детали што го чинат уникатен. Според познавачите, ова е еден од ретките електрични мотоцикли што може на корисникот да му понуди максимум за цената за која се продава. Нуди одлични перформанси, стабилност на патот и дизајн што е навистина атрактивен.
– опсег: 196 км со едно полнење
– максимална брзина: 164 км/ч
– сила: 70 коњски сили
– тежина: 188 килограми
– цена: од 16 до 18 илјади долари
ЛАЈТНИНГ МОТОРС КОРП.
„Лајтнинг моторс корп.“ е релативно нова компанија, која покажа огромен потенцијал на полето на производството на електрични мотоцикли. Тие развиваат и произведуваат вакви мотоцикли повеќе од 6 години и може да се пофалат дека нивните возила се најбрзи меѓу електричните. Исто така, според некои изјави од компанијата, нивната цел не е само да се најбрзи, туку и да понудат најдобра ефикасност во однос на перформансите, со цена што е посоодветна од онаа на мотоциклите со класични бензински мотори.
Нивниот најдобар и најквалитетен модел е „лајтнинг ЛС-218“, кој патем го држи рекордот за најбрз (легален на патиштата) електричен мотоцикл во светот.
– опсег: 160 километри со едно полнење
– максимална брзина: 350 км/ч
– сила: 200 коњски сили
– тежина: 224 килограми
– цена: 38,888 долари
АЛТА МОТОРС
„Алта мотор“ е една од ретките компании што нуди електрични мотокрос-варијанти на мотоцикли. Тие го имаат развиено и произведено најдобриот електричен крос-мотоцикл, наречен „алта моторс редшифт“.
Со иновативниот пристап и развој на овие мотоцикли, тие успеаја да создадат мотокрос што е лесен, доволно моќен и брз што може лесно да се натпреварува со стандардните бензински крос-мотоцикли. Интересен факт за „редшифт“ е тоа што мотоциклот може да се вози дури 3 часа на офроуд-патиштата со едно полнење.
– опсег: 3 часа непрекинато
возење
– максимална брзина: 104 км/ч
– сила: 40 коњски сили
– тежина: 121 килограми
– цена: 14.995 долари
БРУТУС ЕЛЕКТРИК
Брендот „Брутус“ е создаден од напорите и долгогодишната работа на фамилијарниот бизнис наречен „Бел кастм бајкс“. Тие успеаја низ годините да создадат бизнис преку кој ќе понудат мотоцикл што ќе биде препознатлив на пазарот во САД.
Најновиот модел што го произведоа, наречен „брутус В9“, навистина отстапува од претходните модели и може да се каже дека овој модел е првиот електричен мотоцикл што личи на историските „харли дејвидсон“.
– опсег: 450 километри со едно полнење
– максимална брзина: 185 км/ч
– сила: 125 коњски сили
– тежина 355 килограми
– цена: 32.490 долари