Васил Мукаетов

Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“, објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.

„Зрнце по зрне
– погача.
Капка по капка
– море.
Умниот Марко
собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер,
течно
За да ни остане вечно!“
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа негова книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе и препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.


Царство за другарство

Нема среќно чувство,
без другари
и без друштво!

Другарот е многу важен.
Прв ќе те утеши,
ако си тажен.

Сам не се игра ни фанта.
Не се наоѓа лесно
ниту загубена чанта!

И да си шаховски гениј,
без партнер
нема ни реми!

И тоа не е сѐ.
За симпатијата од трето бе.
Поздрави пренесени,
од другар донесени!

Се знае за запис стар,
речено од некој цар:
– Давам царство
за другарство!

Одамна кај нас, на оваа тема:

„Другарот, другар не рани,
тешко кој го нема!“

Песната „Царство за другарство“
е инспирирана од поговорката запишана и
зачувана од Марко Цепенков, која гласи
„Другарот, другар не рани, тешко кој го нема!“