Обвинувањата до Трудо се напад без преседан на некој лидер на земја што е сосед или сојузник на САД, оценува Асошиејтед прес
Американскиот претседател Доналд Трамп го напушти самитот на Г7, кој се одржуваше во канадската покраина Квебек. Трамп, во текот на летот со претседателскиот авион „Ер форс уан“ кон Сингапур, упати повеќе критики и обвинувања на сметка на домаќинот на самитот, канадскиот премиер Џастин Трудо. Асошиејтед прес оценува дека обвинувањата до Трудо се напад без преседан на некој лидер на земја што е сосед или сојузник на САД.
Критиките на профилот на Трамп на Твитер, како што пренесуваат светските медиуми, се појавија во текот на ноќта кога навидум изгледало дека на самитот на Г7 дошло до намалувањето на тензиите предизвикани од заканите на американскиот претседател за трговска војна. Трамп во текот на летот кон Сингапур, каде што утре треба да се сретне со лидерот на Северна Кореја, објави порака дека на претставниците на САД на самитот им дал инструкции да не го поддржат заедничкото соопштение, иако претходно беше објавено дека текстот има поддршка на сите седум членки на групата најразвиени земји на светот.
Тој исто така го обвини Трудо за давање „лажни изјави“ откако шефот на Белата куќа го напушти самитот. Асошиејтед прес наведува дека сѐ почнало неколку часа претходно, кога Трудо се појави пред новинарите и изјави дека сите седум лидери се согласиле за заедничкото соопштение. Канадскиот премиер потоа истакна дека му повторил на Трамп оти американските тарифи ќе им нанесат штета на индустриите и на работниците во двете земји, додавајќи дека не би „уживал“ во воведување контрамерки, но дека не би се двоумел за тоа.
– Јас секогаш ќе ги штитам канадските работници и канадските интереси. Ние Канаѓаните сме учтиви, ние сме разумни, но нема да дозволиме со нас да си поигруваат – порача Трудо.
Трамп очигледно ја видел изјавата на канадскиот премиер кога веќе бил во претседателскиот авион, и веднаш почнал со критиките на Твитер.
– Врз основа на лажните изјави на Џастин, изнесени на неговата прес-конференција, како и фактот дека Канада применува огромни тарифи на нашите американски фармери, работници и компании, дадов инструкции на нашите американски претставници да не го поддржат соопштението, бидејќи разгледуваме тарифи за автомобили, кои го преплавуваат американскиот пазар – порача американскиот претседател.
Шефот на Белата куќа продолжи со уште поостри критики до Трудо.
– Премиерот Џастин Трудо од Канада се однесуваше толку кротко и благо во текот на нашите состаноци на Г7, а откако заминав се појави на прес-конференција и изјави дека „американските тарифи на некој начин се навредливи“ и дека „нема да дозволат со нив да си поигруваат“. Многу нечесно и слабо. Нашите тарифи се одговор на неговите од 270 отсто за млекото – додаде Трамп.
Ројтерс во саботата вечерта пренесе дека лидерите на Г7 се сложиле во заедничкото соопштение дека „е неопходна фер трговија во корист на сите“, како и продолжување на борбата против протекционизмот.
– Ние тежнееме да ги намалиме бариерите од тарифи, бестарифните бариери и субвенции – се наведува во соопштението.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека заедничкото соопштение на членките на Г7 претставува само прв чекор и обид за стабилизирање на работите. Трамп претходно на прес-конференција изјави дека неговите односи со светските лидери „се за десетка“ и ги отфрли тврдењата дека САД се сѐ повеќе изолирани на светската сцена под неговото претседателство. Тој исто така порача и дека не ги обвинува другите земји за постигнувањето „ужасни трговски договори со САД“, туку дека ги обвинува бившите американски лидери.
Интересно е тоа што американскиот претседател истакна дека враќањето на Русија во клубот на најиндустријализирани нации би било добро за сите земји. Според него, враќањето на Русија во Г7 би било корисно.
– Сакаме мир во светот, а не да играме игри – додаде Трамп.
Групата индустриски најразвиени земји ја исклучи Русија во 2014 година, поради руската анексија на Крим и поддршката на проруските бунтовници во источна Украина.