Јордан Апостолски, адвокатот на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, по одложувањето на денешното рочиште за обвинетите за организирање на упадот во Собранието изјави дека Обвинителството за гонење на организиран криминал нема докази дека неговиот клиент е како било вмешан во случувањата за 27 април.
– Нема никакви докази дека има било каква вмешаност. Сметаме дека обвинението е на стаклени нозе со цел само да се оцрни клиентот – изјави Апостолски.
Според него, Обвинителството не направило напори да се дознаат вистинските сторители, но одби да каже дали одбраната има докази за тоа кои се всушност сторителите.
Тој ги негираше тврдењата на обвинителката Вилма Русковска дека бранителите предложиле по околу 300 сведоци од обвинет, посочувајќи дека за неговиот клиент се предложени десетина сведоци.