Започнуваат тешките преговори за буџетот на ЕУ
Членките на ЕУ на утрешниот специјален самит треба да се договорат за буџетот во наредните седум години. Според оцените на „Дојче веле“, преговорите ќе бидат тешки бидејќи голем дел од средствата ги снема со брегзит, а издатоците треба да се зголемат. Преговорите за долгорочен седумгодишен буџет на ЕУ, овој пат, се особено компликувани бидејќи ја нема Британија, која според висината на придонесите беше веднаш зад Германија, а меѓу 2021 и 2027 година обемот на буџетот би требало да се зголеми.
Земјите што уплатуваат повеќе во заедничката каса отколку што добиваат се незадоволни бидејќи ќе им се зголемат трошоците.
– Дупката од 60 до 75 милијарди евра што настана со брегзит може да се дополни со комбинирање заштеда и поголеми придонеси – изјави поранешниот еврокомесар за буџет Гинтер Етингер, кој нацртот за седумгодишниот план го претстави уште во мај 2018 година.
Покрај тоа, ЕК сака да издвојува повеќе пари за модерните цели како заштитата на климата, научните истражувања, заштитата на границите и за политиките на миграција. Ќе се штеди на субвенции за земјоделството и на структурната помош за сиромашните региони во ЕУ.
„Епл“ загуби 34 милијарди американски долари од пазарната вредност
Акциите на „Епл“ паднаа за време на тргувањето во вторникот за 2,6 отсто во еден момент, што збриша 34 милијарди американски долари од пазарната вредност на американската технолошка компанија и ги повлече индексите на Волстрит подолу, објави порталот „Си-ен-ен бизнис“.
На затворањето на берзата, акциите на „Епл“ се заклучени со минус од 1,8 отсто во однос на претходниот ден.
Врз драматичниот пад влијаеше и предупредувањето на „Епл“ дека не очекува остварување на планираниот квартален приход поради забавување на производството и намалената побарувачка во Кина, каде што компанијата ги затвори сите свои продавници поради епидемијата на ковид-19.