Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пред судот, на рочиште за „Монструм”, кажа дека во првите моменти по убиството на момчињата и рибарот кај Смилковското Езеро, имало многу шпекулации кои стигале до МВР и во првите моменти немало осомничени.
Обвинителката Фатиме Фетаи во судницата цитираше делови од разговори меѓу Јанкулоска и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, но и разговор меѓу ексминистерката и министер за МВР во Косово.
– Не можам да кажам дека некој во првите моменти беше посочуван за осомничен. Но, имаше многу тези, разговори, информации, па дури и гласини што од различни страни, што од вработени, но и поединци, доаѓаа до оперативниот штаб. Се шпекулираше и кои би можеле да бидат можни сторители, но далеку од тоа дека во тие најпрви моменти имаше информација врз основа на која може да се профилира осомничено лице. На почетокот стигаа различни непроверени информации, што се наоѓавме во ситуација во која не можевме да ја најдеме почетната точка. Имаше информација дека наводно се работи за пресметка меѓу криминални структури која не беше релеванта според профилот на жртвите, дека можеби се работи за имотен спор, некаков тип одмаза. Секакви информации стигаа. Сите беа проверувани – рече Јанкулоска.
„Не би можела да тврдам за други, ама до мене не стигнале такви информации”, рече Јанкулоска на прашање од Фетаи „дали имало информација дека може да се случи настан од таква природа”.
Дел од прислушуваните разговори е и запис меѓу Јанкулоска-Мијалков на 29 јануари 2013 година, рече обвинителката Фатиме Фетаи, каде тој ја известил дека има добра анализа за „Монструм” и ја поканил министерката да присуствува. Фетаи ја праша Јанкулоска да каже што било презентирано и кој бил присутен, а таа кажа дека во тој период многу често се среќавале и разменувале информации.
– Беа правени анализи и кажуваа можни теории за настанот. На таква презентација не можам да се сетам дека сум присуствувала. Не исклучувам дека имало, но не можам да се сетам, бидејќи велите дека била по година дена – рече Јанкулоска, а Фетаи се надоврза со зборовите „можеби сега ќе се сетите“, по што праша дали Јанкулоска присуствувала на презентација каде што била присутна меѓународната заедница.
Јанкулоска истакна дека имало повеќе презентации поврзани со случајот.
– Имало повеќе презентации, на дел од нив и јас сум ги презентирала информациите. За овој настан беа заинтересирани сите, а не па меѓународната заедница. Јас сум држела состаноци за статусот на дејствијата кои МВР ги превземало, нашите сознанија. Како официјална презентација која УБК ја правела, не можам да се сетам. Од нив имам барано информација – кажа Јануколска
„Има разговор со тогашниот министер за МВР на Косово, каде разговарате дека биле фатени двајца и се утврдува идентитетот”, кажа Фетаи за тоа што се слуша го „бомбите”.
– Јас имав серија контакти, по однос на ова прашање. Имавме разговор со ваква содржина како што цитиравте. Ако не се лажам, нашите разговори во тоа време се однесуваа на лицата кои не беа достапни во Македонија. Можеби ќе ги згрешам имињата, но беше за првите двајца обвинети. Требаше формално да се започне процедурата во која Македонија ќе побара испорачување на лицата за да се води постапката – одговори Јанкулоска.
Таа беше запрашана дали имало политички калкулации за датумот на екстрадиција. Фетаи рече дека во еден од разговорите меѓу ексминистрката и поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, на неколку дена пред одржување на изборите го 2014 година, може да се стекне таков впечаток.
„Не бе, не ја знаеш. Калкулирате со изборите, битно е да се прати предметот, па потоа, по изборите..”, рекла Јанкулоска во разговорите, а Беџети и одговорил „јас и со Саше се видов, отворено ти кажувам, не се калкулира…”. Ова е цитат кој Фетаи го презентираше во судницата, која додаде дека Блерим Беџети ја фалел Јанкулоска дека добро ја спакувала информацијата оти брзо ќе се екстрадираат лицата од Косово.
– Ова е само еден разговор, затоа може да се добие поинаков впечаток од контекстот на разговорот. Но, гарантирам дека се што можело да се направи за брза и ефикасна реакција, е направено. Без разлика како впечаток кога се гледа еден сегмент од разговор по однос на одредена тема, фактите се поинакви – рече Јанкулоска, негирајќи дека имало политички калкулации.