1. Канада, запознај го Трамп (и обратно)
Oткако Роналд Реган беше избран во 1980 година, сите американски претседатели имаа неофицијална традиција Канада да биде нивната прва странска дестинација како потстанари на Белата куќа.
Џорџ Буш ја прекрши традицијата кога отиде во еднодневна посета на Мексико, но веднаш потоа отиде на северот на Самитот на Америките во Квебек во 2001 година.
Доналд Трамп чекаше подолго, околу 500 дена од почетокот на неговиот претседателски мандат. Ова е прва негова посета на Канада како претседател на САД. Американскиот претседател сигурно нема да биде пречекан како рок-ѕвезда, како што беше случајот со неговиот претходник Барак Обама, кој во 2009 година беше пречекан од голем број луѓе во Отава. Трамп не е толку популарен како Обама меѓу Канаѓаните, а во моментов се спори и со канадскиот премиер Џастин Трудо околу новите американски царини за увоз на челик и на алуминиум.
2. Непријатни разговори
Mинистрите за финансии на земјите на Г7 веќе го осудија „негативното влијание“ на американските царини за челикот и за алуминиумот и ги повикаа светските лидери да преземат „одлучувачки чекори“ за решавање на ова прашање.
Ова не е првпат ставовите на Трамп кон трговијата и кон другите прашања поврзани со политиката да предизвикаат судири со другите светски лидери. Всушност, самитот на Г7 би можел повеќе да наликува на Г6 + 1.
За време на самитот во Италија во 2017 година, американскиот лидер беше изолиран поради најавите за повлекување од Парискиот договор за климатски промени. Тој беше осамен кога другите лидери ја потврдија својата посветеност кон Парискиот договор, првиот сеопфатен договор во светот за намалување на емисиите на штетните гасови.
– Имаме ситуација шест против еден – рече тогаш германската канцеларка Ангела Меркел.
Трамп подоцна ја објави својата намера да ги повлече САД од договорот во Париз.
Овојпат, Трамп несомнено ќе се најде на удар поради неодамнешните царини за металите против Канада, Мексико и ЕУ. На самитот во Канада ќе присуствуваат и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Канада, исто така, е среде интензивни преговори за Северноамериканскиот договор за слободна трговија со САД и Мексико. Канадски функционер во пресрет на самитот нагласи дека може да се каже дека „секој економски разговор сигурно брзо ќе се сведе на дискусија за трговијата“.
3. Групна терапија
Џон Киртон, директор на истражувачката група на Г7, вели дека лидерите неизбежно ќе најдат нешта што повеќе ги обединуваат отколку што ги делат. Тој вели дека собирот е исклучително интимен самит на кој најмоќните политички лидери во светот можат да се соберат и да разговараат лице в лице.
– Самитот е совршено место за лидерите да се движат слободно, да кажат што сакаат, да бидат политички некоректни, да се жалат на домашните медиуми. Тоа е клуб на осамените срца, еден вид групна терапија – смета тој.
Тој додава дека ова не е првпат групата што се темели на консензус да биде поделена. Досега имало и други такви примери уште од времето кога се појави концептот за форум на индустриски најразвиените земји во светот по нафтената криза со ОПЕК во 1973 година.
Канадските функционери велат дека форматот на самитот им овозможува на светските лидери да имаат „искрена и сеопфатна комуникација, ама истовремено нагласуваат дека Канада како домаќин „работи на премостување на разликите“.
Годишниот самит има пет главни теми, и тоа се: инклузивниот економски пораст, родовата еднаквост и јакнењето на моќта на жените, светскиот мир и безбедноста, работните места на иднината и климатските промени и океаните. Во однос на прашањата од надворешната политика, најмногу се очекува да се дискутира за претстојниот самит помеѓу Трамп и Ким, тензиите со Русија, глобалното влијание на Кина и кризата во Венецуела. Од самитот се очекува да произлезат повици за преземање повеќе мерки, меѓу кои и чекори против мешањето во странските демократски избори. Самитот се одржува во момент кога членките регистрираат пад на јавната доверба во државните институции. Истовремено, коалиција од 30 невладини групи се надева дека земјите чии економии претставуваат 45 отсто од глобалниот БДП ќе соберат 1,3 милијарда долари за образованието на женските деца во земјите во развој.
– Самитите често се претвораат во одлични донаторски конференции – велат експертите.
Конечно, од земјите на Г7 се очекува да преземат обврски за отстранување на пластиката од океаните, еколошко прашање што доби особена популарност во изминатите месеци.
4. Безбедност и пиво
Фактот што локацијата на одржување на самитот е на повеќе од еден час возење од градот Квебек ги намалува шансите за масовни протести.
Канада троши околу 460 милиони долари на самитот и поврзаните настани, од кои најголем дел на безбедноста. Кога Канада беше домаќин на Самитот на Америките во Квебек во 2001 година, земјата беше сведок на дводневни насилни судири меѓу полицијата и илјадници демонстранти што протестираа против глобализацијата. Во градот Квебек се планирани три протести во текот на неделата, на кои демонстрантите ќе го искажат своето противење на агендата на Г7. Но полицијата во градот смета дека заканата за насилства за време на самитот е „умерена“ и дека не се очекува повторување на судирите од 2001 година. Настанот ќе го обезбедуваат околу 8.000 војници и полицајци.
Мислењата на жителите на Ла Малбе се поделени во однос на фактот што нивното гратче привремено ќе биде „преплавено“ од светски лидери, полицајци, војници, новинари и други.
– Искрено, воопшто не обрнувам внимание на целата работа. Најважно ми е да се одржат редот и мирот – вели една жителка.
Во меѓувреме, други жители се обидуваат да заработат од фактот што глобалното внимание ќе биде свртено кон малото канадско гратче. Една мала пиварница од регионот измисли специјално пиво „Г7“ со состојки од седумте земји и со алкохол со јачина од седум проценти. Нивните сопственици велат дека идејата ја добиле по забелешката дека ова е веројатно еден и единствен пат нивниот регион да биде домаќин на таков глобален настан. Пиварницата произвела ограничена серија од специјалното пиво, а дел од бурињата биле испратени во хотелот во кој ќе престојуваат лидерите на Г7.