Наместо да се демонстрира единство меѓу седумте индустриски најразвиени земји во светот, дводневниот самит во Канада лесно може да се претвори во средба на која шест лидери на Г7 ќе го изразат незадоволството кон Трамп, кој успеа да ги налути сојузниците со неодамнешната одлука да воведе високи царини на увозот на челик и на алуминиум

Канадскиот премиер Џастин Трудо од денеска е домаќин на дводневниот самит на лидерите на седумте најразвиени економии во светот, на кој шесте членки на Г7 веројатно ќе го изразат незадоволството од неодамнешните трговски мерки што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп. Годинашниот самит на Г7 помеѓу Канада, САД, Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија, кој ќе се одржи во гратчето Ла Малбе во Квебек, речиси сигурно ќе биде засенет од планираниот самит во Сингапур помеѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Трудо, кој сака самитот во Канада да се фокусира на економскиот развој, инсистира дека може да се справи со притисокот, иако повеќето аналитичари велат дека тој ќе мора да се бори да го одржи единството во Г7 во момент кога дипломатските и трговските потези на Трамп ги изолираат САД и ја намалуваат релевантноста на оваа група.
– Г7 ќе покаже дека САД се сами против сите, особено меѓу сојузниците – изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Трамповата аверзија кон дипломатските протоколи и неговата политика „Америка на прво место“ предизвикаа поделби со земјите, чие сојузништво со САД датира уште од времето на Студената војна со бившиот Советски Сојуз. Трамп ги разгневи Канада и членките на Г7 од ЕУ со воведувањето високи царини на челикот и на алуминиумот и со повлекувањето од договорот за нуклеарната програма на Иран. Јапонија се чувствува дека е изолирана на свој терен во момент кога Вашингтон се обидува да ги подобри односите со Северна Кореја.
Тридневната средба на министрите за финансии од Г7 пред самитот на лидерите заврши со осуда на најблиските сојузници на САД кон одлуката на Трамп да воведе царини на челикот и на алуминиумот. Трудо ги отфрли оцените за поделби на самитот.
– Секогаш се поставуваат истите прашања – изјави Трудо во интервју за Ројтерс во мај, нагласувајќи дека Г7 е „исклучително вреден форум зашто им нуди шанса на земјите-истомисленички да разговараат за заедничките предизвици“.
Портпарол на канадскиот премиер изјави дека неговиот став кон Г7 не се променил и по воведувањето на новите царини за челикот и за алуминиумот.
Од друга страна, Роланд Парис, професор по меѓународна политика на Универзитетот во Отава, кој беше прв советник за надворешна политика на Трудо, не е толкав оптимист.

– Најголем предизвик за годинашиот самит е да се одржи интегритетот на Г7 – вели тој.
Според него, најверојатното сценарио е дека лидерите ќе успеат да ги надминат разликите, но сепак и понатаму има реална можност за поотворени поделби.
Хедер Конли, бивша функционерка во Стејт департментот, која во моментот работи во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, смета дека поделбите за трговските прашања ќе ја отежнат можноста на лидерите да се фокусираат на други прашања.
– Или ќе успеат да се изборат со сегашните предизвици и ќе останат релевантни за управувањето со меѓународниот систем, како што тој продолжува да се развива, или на крајот нема да го сторат тоа – смета таа.
Трудо и ЕУ веќе ги осудија царините за челик и за алуминиум, а истото се очекува да го сторат и на самитот, за време на традиционалната дискусија за трговските прашања.
– Очигледно е дека годинава има потенцијал за многу пожесток самит. Дали ова ќе биде многу поголем предизвик отколку претходно? Да, но на крајот сите ќе дојдат и ќе учествуваат во дискусиите – изјави висок неименуван канадски функционер.
Трамп на самитот на Г7 ќе го брани своето инсистирање на „фер и реципрочна трговија“, нагласи неименуван претставник на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Економскиот советник на американскиот претседател Лари Кудлоу ги опиша тензиите околу трговијата како семејна кавга.
– Спорот може да се реши. Јас сум оптимист – нагласи тој.