Младиот Кристијан Врапчароски во својот трет обид, по вторпат го извади крстот од водите на базенот во Кичево, откако за првпат го фати крстот во 2018 година.
– Не можам да ја опишам радоста која ме опседнува откако светиот крст го извадив од водите на базенот во нашиот град. Ниту студената вода не беше проблем по третпат да влезам во базенот и по вторпат да го фатам светиот крст – рече Кристијан Врапчароски, кој доби на подарок златен крст од општината, подарок од кумот, а го даруваа и верниците со по некоја паричка, откако му го честитаа фаќањето на крстот.
Денешната свеченост започна во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ каде најпрво беше отслужена утрена богослужба а потоа во 8.30 часот се одржа и Светата Божествена литургија. Потоа поворката се упати кон базенот во поранешниот Дом на АРМ, каде од страна на свештенството беше извршен Богојавленски Водосвет, по што во водите на базенот беше положен Светиот крст, а во фаќањето на крстот учествуваа околу педесетина млади од градот. Свеченостите завршија со традиционалната закуска што во црковната трпезарија ја организира црковниот кум за годинава, Стојан Богески.
– Јас како голем верник имам чест годинава да бидам кум во нашиот црковен храм. Ме исполнува самото сознание што ќе им бидам домаќин на голем број верници од градот за овој верски празник кого неизмерно го почитувам – рече годинешниот кум, Стојан Богески.
Во Општина Кичево крст се положуваше и во село Другово каде годинава среќата му се насмевна на Златко Маркоски, на кого од страна на општината му беше подарен златен крст.