Првиот македонски велемајстор (од 1993 година) Никола Митков (2.508 рејтинг-поени) постигна голем успех, освојувајќи го првото место на меѓународниот шаховски турнир во Гватемала.
Митков (49), кој живее во САД и професионално се занимава со шах, по девет кола освои седум поени (седум победи и два пораза) и четири рејтинг-поени. Седум поени на врвот имаа уште тројца велемајстори, Шпанецот Ромеро Алфонсо (2.415, рангиран 14-ти пред турнирот), ланскиот победник Аргентинецот Сандро Мареко (2.619, рангиран прв) и Чилеанецот Кристобал Хенрикес (2.603, рангиран трети), но сите со послаб дополнителен критериум од Митков, кој пред турнирот беше рангиран на 9-то место, а моментно во светот е на 721-то место.
На турнирот за награден фонд од 12.000 долари настапија 146 шахисти од 18 држави (13 велемајстори, еден ЖВМ, осум ИМ, два ЖИМ, шест ФМ). На истиот турнир лани, Митков (2.477, тогаш рангиран седми), меѓу 134 шахисти од 15 држави (10 ВМ), го освои 12-то место со 6,5 поени, а победи Мареко со 7,5 поени.