Министерството за здравство прогласи епидемија на заразна жолтица во населбата Даме Груев, општина Ѓорче Петров, каде од вкупно пријавени девет случаи од 11 ноември до 23 месецов, седум случаи се епидемиолошки поврзани.
И во општина Шуто Оризари се регистрирани две епидемиолошки поврзани случаи, односно две сестри се заразени со жолтица, но нема индикации за пријавување на епидемија во Општината.
Во периодот од први септември до вчера, на подрачје на Скопје регистирани се вкупно 68 случаи на заразна жолтица од кои 48 случаи се диференцирани како вирусен хепатитис А и 20 случаи се вирусен неозначен хепатитис.
Во споредба со 2016 година, забележан е зголемен број на случаи. Пред три години биле регистрирани шест случаи, 2017 – 35 случаи и 2018 година – 28 случаи.
Најголем број случаи оваа година се регистрирани во Сарај – 16 случаи, Ѓорче Петров – 11 случаи, Аеродром и Гази Баба – 9 случаи, во Шуто Оризари – 6 случаи, Карпош – 5 случаи, Чаир – 4 случаи, Чучер Сандево – 3 случаи, во Центар – 2 случаи, Бутел, Кисела Вода и Зелениково по еден случај.
Од вкупно 68 заболени лица, најголем број (29) се на возраст од 20-64 години, 7 на возраст од 0-5 години, 14 се ученици на возраст од 6-14 години, 16 се лица на возраст од 15-19 години и 2 се над 65-годишна возраст.
Министерството за здравтсво апелира до граѓаните да се следат препораките за санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.