Во првиот дел од седницата на Советот за безбедност, што се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, се разгледаа тековни прашања од интерес на безбедноста на државата.
Претседателот Пендаровски во дадената изјава по завршувањето на седницата рече дека прва точка на дневен ред беше извештај за состојбата со нашите војници кои се во меѓународни мисии, за која реферирале Началникот на Генералштабот и министерката за одбрана. Претседателот рече дека во овој момент имаме војници во меѓународни мисии во Босна и Херцеговина, во Авганистан, во Либан, како и војници кои се распоредени на нашата јужна граница.
– Состојбата со сите наши контингенти и на границата со Република Грција и надвор од нашите граници е редовна – изјави претседателот Пендаровски.
Втора точка на дневниот ред, посочи Претседателот, беше извештај за тековните процеси на кадровска и техничка екипираност на Оперативната техничка агенција за која директорот на ОТА реферираше до каде е стигнато со просторното сместување, кадровското екипирање, обуката на неопходниот кадар, техничко-технолошката опрема која е неопходна за да ги извршуваат своите задачи и обврски согласно Законот.
– Можеме да констатираме дека во тој дел работите се одвиваат со она темпо кое го посакуваме. Тука имаме дел и странски експерти кои помагаат од самиот почеток на етаблирање на таа за нашиот систем нова институција и можам да кажам дека и нивните евалуации се прилично позитивни и дека ОТА за година и пол колку што постои е веќе на висина на својата задача. Некои поголеми потешкотии во нејзиното работење не се забележани – рече Претседателот Пендаровски.
Вториот дел на седницата беше посветен на проблемот со аерозагадувањето, и присутните ја поздравија иницијативата на Претседателот за подигнување на темата на така високо ниво, а сите се согласија дека оваа тема не треба да се политизира и да се користи во дневно-политички препукувања.
Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата рече дека на оваа тема се разговарало повеќе од два часа, а дијалогот го оцени како конструктивен. Проблемите во делот на заштитата на животната средина, посочи Претседателот, треба да се решаваат подобро и системски и никој не може да ги реши во еден мандат.
– Главната идеја која беше при свикувањето ја реализиравме, тоа е кревање на јавната свест, затоа што никогаш до сега во историјата на нашата земја на толку високо и репрезентативно политичко ниво не е разговарано за овој проблем кој станува се поакутен, не само кај нас, не само во нашиот регион, туку насекаде во светот. Советот за безбедност е советодавно тело на Претседателот, не е тело кое одлучува, кое решава. Ние не се собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми, или за забрзување на позитивните трендови во оваа област. Неспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста, да ова прашање се третира не ад-хок, туку системски, односно посистемски од досега. Јас мислам дека тоа беше и главната поента која сите учесници во денешната дебата ја поддржаа, често се разговара за ова – на највисоко политичко ниво и луѓето кои се во невладиниот сектор да бараат отчет од луѓето кои се платени да работат во таа област – рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски потсети дека и во неговото годишно обраќање се заложил за зголемување на државниот буџет за заштита на човековата околина, кое, како што нагласи, би морало во наредните години да биде што е можно побрзо и што е можно поблиску до просекот на земјите членки на Европската унија.
Според Претседателот и поглавјето 27, што се однесува на заштита на човековата околина, се смета за едно од најтешките и едно од најскапите во преговорите, и во тој дел ние мораме добро да се подготвиме.
– Еве сега на седницата чувме дел од учесниците дека поглавјето 27 според проценка на преговарачите од Црна Гора, која е прилично одмината во тие преговори, тие сметаат дека во една декада би ги чинело милијарда ипол евра. Ако одиме по тие параметри, значи уште сега би можеле да кажеме една цифра, како една груба проценка, дека нас поглавјето 27 би не чинело над пет милијарди евра. Значи станува збор за исклучително важен сегмент од животот на луѓето – рече претседателот Пендаровски, по завршувањето на втората седница на Советот за безбедност.