Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, едногласно го одбија барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена во случајот „Рекет“.
– Од формално правен аспект не постојат причини за прифаќање на барањето бидејќи таа не е избрана од Собранието – беше констатирано на попладневното продолжение на седницата во Собранието.
Јанева од притвор во Шутка испрати барање да ѝ се одреди апанажа. Претседателот на Комисијата Илија Димовски минатиот месец образложи дека првиот допис до комисијата бил испратен од адвокатката Ирена Фрчкоска, во име на Катица Јанева, а по неколку дена добиле барање и лично од Јанева.
Ексспецијалната обвинителка е во притвор од 21 август, кога беше уапсена како осомничена во случајот „Рекет“. Од Собранието беше разрешена на 14 септември, еден ден пред да ѝ истече мандатот.