По повод 90 години од раѓањето, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, утре, во 12 часот, ќе се одржи чествување на големиот македонски поет академик Матеја Матевски. За ликот и делото на Матевски ќе зборуваат академик Катица Ќулавкова и претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Соња Стојменска-Елзесер. Стихови од неговата поезија ќе интерпретира актерот Бобан Алексоски.
Матеја Матевски е поет, литературен и театарски критичар и преведувач. Роден е на 13 март 1929 година во Истанбул, Турција. Автор е на голем број книги, а неговата поезија е преведувана на сите европски јазици. Добитник е на сите престижни национални книжевни и општествени награди во Македонија и на повеќе награди во странство за своето поетско творештво. Во 2011 година ја добива најголемата македонска книжевна награда „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.