Никако не смееме да заборавиме дека Скопје со загадениот воздух одамна се најде на листата на најзагадените градови во Европа и во светот, но потребно е што поскоро да се тргне оттаму. Полезно е што веќе почнаа де се применуваат одредени мерки
Уживајќи во овие благопријатни температури и вистински пролетни денови, како сите да подзаборавивме на загадувањето на воздухот од кое не можевме да се ослободиме цела зима. Заборавивме колку тешко се дишеше по секое излегување од дома, а уште полошо беше што наместо да проветриме ние загадениот амбиентален воздух го пуштавме дома. Веќе никој не ги спомнува ПМ 10 честичките, никој не кашла од загадениот воздух, а многумина кројат планови каде летово да си го поминат годишниот летен одмор. Но, како што е познато, летото и сѐ што е добро кратко трае и затоа сега е време да се подготвиме за в зима.
Сега треба да направиме многу и да преземеме соодветни и конкретни мерки за во зимските денови да се справиме со загадувањето, кое за волја на вистината не сакаме да ни се повтори. Никако не смееме да заборавиме дека Скопје одамна се најде на листата на најзагадените градови во Европа и во светот, но потребно е што поскоро да се тргне оттаму. Полезно е што веќе почнаа да се применуваат одредени мерки, кои одамна се применливи во многу европски градови. Почнавме од сообраќајот, како еден од загадувачите на воздухот. Градот Скопје во соработка со јавното сообраќајно претпријатие веќе прави напори преку пробно пуштање еколошки автобуси во јавниот градски превоз да придонесе за почист воздух. А на Скопје секако му требаат вакви возила произведени по напредни и современи технологии и кои не го загадуваат воздухот. По сообраќајниците на главниот град пробно веќе сообраќаат два електрични и, од пред неколку дена, еден автобус на гас. Ако во јавниот градски превоз се вклучат повеќе вакви возила, секако ќе се намали присуството на штетните честички во воздухот, бидејќи овие возила не испуштаат штетни гасови.
Но затоа веднаш од улиците треба да се тргнат старите и дотраени автобуси, кои ЈСП сѐ уште ги има во возниот парк. Сите придобивки од еколошките автобуси веднаш ќе се анулираат ако во јавниот градски превоз и натаму паралелно сообраќаат и старите автобуси. ЈСП „Скопје“ од нив одамна требаше да се ослободи, а тие сепак ги опслужуваат патниците. За некои од нив беше кажано дека ќе завршат и во другите градови во државава откако ќе се купат новите кинески и украински возила, па со тоа само се остави можност тие и натаму да загадуваат. Состојбите со загадувањето на воздухот нема да се подобрат доколку не престане и увозот на стари автомобили од кои европските градови само сакаат да се ослободат, токму поради тоа што тие само го загадуваат воздухот. Време е и Македонија на овој план да се најде меѓу земјите што навистина внимаваат на еколошките параметри, кои нужно треба да се применуваат.
Добро е и тоа што градските власти во Скопје издвоија средства и веќе субвенционираат купување печки на пелети. Но се поставува прашањето, треба ли тие, како и локалните самоуправи на другите градови во земјава и најмногу оние што се соочија со загадувањето на воздухот, од градовите Тетово, Битола… да направат многу повеќе од тоа и да стимулираат парно греење во домовите на граѓаните во нивните урбани средини. Градот Скопје можеби на таа линија и „Топлификација“ би можеле да остварат заедничка заложба. Но тука задолжително да се вклучи и државата, преку Регулаторната комисија за енергетика, која одлучува за цената на парното. Токму цената е и причината зошто многумина не се греат на парно или, пак, се исклучија од системот. Таа треба да биде прифатлива за најголем дел од населението. И можеби најважното што одамна требаше да се случи во државава – гасификацијата. Ќе помине веројатно уште многу време додека гасот стигне во нашите домови, а тој сигурно еколошки е поприфатлив. Од друга страна, ќе нѐ спаси и од трошењето премногу пари од домашниот буџет за загревање на домовите. Треба сега да направиме сѐ што можеме за зимата да ја дочекаме подготвени.
Убаво велат старите, не се гои прасе спроти Божиќ, а богами токму тогаш по овој голем христијански празник почнуваме длабоко да влегуваме во студените зимски денови. А многу порано почнуваат нашите маки со загадениот воздух. И не за еднаш, не за двапати загадувањето често беше за десет, и петнаесет пати повеќе од над дозволеното. На земјава потребни ѝ се нови коридори за проток на почист воздух и затоа од некаде треба и да се почне. Не беа доволни само деновите на дрвото, за почист воздух ни требаат и повеќе дрвја и повеќе паркови. За почеток да ја издигнеме еколошката свест на повисоко ниво за вредноста и значењето на зеленилото и парковските површини во урбаните средини. Колку зеленилото ни е повеќе и повеќе потребно, до толку повеќе се одзема и уништува од налетот на урбаната офанзива.
Потребни се детални урбанистички планови, кои нема да претпочитаат изградба на објекти на веќе уредени зелени површини. Дури и градот со генералниот урбанистички план не треба да го дозволува тоа, во никој случај не треба да се одземаат детски игралишта за сметка на домувањето.
Колку помалку зелени површини и колку повеќе градилишта и збиени станбени згради чии балкони си гледаат „в очи“ дотолку помалку воздух. А животот на луѓето зависи од нивната респирација, како и животот на еден град. Дајте сите заедно да се заложиме Скопје и другите градови што зимава се задушуваат од загадување идните зими да дишат и тоа да дишат незагаден воздух без присуство на ПМ 10 честички.