Никола Димитров (лево) и Јоханес Хан

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на својот твитер профил порача дека ЕУ е охрабена од последната рунда преговори помеѓу Скопје и Атина за спорот за името.

Хан, кој присуствуваше на неформалниот појадок организиран од Бугарија и Австрија со министерот Никола Димитров и европските министри за надворешни работи утрово во Брисел, на својот Твитер профил порача дека состанок бил „плоден“ и дека сите упатиле поддршка за преговарачкиот процес.

– Консензусот е дека решение за името ќе биде пресврт за следните чекори во пристапниот процес за Македонија- напиша Хан.

Дипломатски извори за МИА откриваат детали од средбата утрово. Министерот Димитров ја отворил со воведен говор за напредокот на преговорите со Грција каде ги упатил истите пораки како и оние во јавноста: дека е постигната рамка за решение и дека експертски групи во двете земји го чешлаат текстот во Атина денеска. Ги брифирал и за текот на реформите кои ги бара ЕУ. Тој на министрите им порачал дека ова се „историски моменти за мојата држава“.

– Кога започнавме имавме значителни разлики, но како што напредуваме во процесот имам впечаток дека сѐ повеќе сме на иста страна- изјавил Димитров.

Министерот потоа настапил со список на реформи и напори кои ги направила Македонија во последните години од судските реформи, борбата против корупцијата, дијалогот со опозицијата, ослободувањето на медиумската сфера, како и подобрувањето на добрососедските односи.

Тој од земјите членки побарал да и помогнат на Македонија со тоа што ќе и дадат старт на преговори.