Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје, одново“. Посетителите ќе можат да погледнат преку 100 дела од меѓународната колекција на музејот со посебен фокус на американските уметници.
-Вечерва во Скопје отвораме изложба која е специфична по повеќе основи. Овој пат имаме гостин куратор, а изложбата е подготвена од мешан кураторски тим, односно кураторката Ана Кац од њујоршка МоМА и Кумјана Новакова од МСУ Скопје. За првпат изложуваме некои дела од колекцијата, бидејќи кураторките со поставката даваат ново читање на познати, но и помалку познати дела од нашата вредна колекција, а овој пат и преку изложување документи и друг архивски материјал дадена е интегрирана информација за почетоците, за големиот ентузијазам во основачките години на музејот. Американската амбасада препозна вреден проект во „Скопје, одново“ за што сме им многу благодарни, нивната помош беше голема и искрена и нè охрабрува да размислуваме за нејзино претставување и надвор од нашата држава. Оваа изложба беше најавена и во списанието „Арт форум“, а работиме на тоа да ја претставиме и пред американската публика – вели Мира Гаќина, директор на МСУ Скопје.
Изложбата е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје.
Изложени се повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, за првпат, МСУ – Скопје ќе изложи дел од личната кореспонденција со автори како: Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли.
„Скопје, одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје, по земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ – Скопје станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата ги потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Полската влада во тоа време финансира тим на прогресивни млади архитекти, кои во 1970 година го градат објектот, кој денес е постојан дом за музејот.