Германките последен пат настапиле на ЕП 2011, кога го поделиле од 13-то до 16-то место, а најголемиот успех им е од ЕП 1997, кога се закитиле со бронза
Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска во германскиот град Нордлинген (од 19 ч., директен пренос на јутјуб-каналот на ФИБА), ќе го одигра првиот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Франција и во Шпанија. Селекторот Владимир Ѓоровиќ за овој дуел не ќе може да смета на Јелена Антиќ, Матеа Николиќ (Енсино Луго, Шпанија) и Анџелика Митрашиновиќ (Будуќност).
Селекцијата на Германија, која моментно е на 42-то место на светската ранг-листа (Македонија е 85-та), последен пат настапила на ЕП 2011 во Полска, кога го поделила од 13-то до 16-то место, а најголемиот успех го постигнала на ЕП 1997 во Унгарија, кога се закитила со бронзен медал. Македонија е во групата И, а силите ќе ги одмери уште и со Летонија (на 17 ноември во Скопје е првиот меч) и со Хрватска. Репрезентациите се поделени во девет групи, првопласираните од секоја група како и петте најдобри второпласирани репрезентации ќе се пласираат на ЕП.