Идната претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен и германската канцеларка Ангела Меркел вечерва од Берлин порачаа дека на земјите од Западниот Балкан мора да им се обезбеди перспектива во ЕУ. Најавени се нови специјални проекти за соработка и помош со Македонија и Албанија за да се намали разочарувањето од неуспехот да се добие почеток на преговори со ЕУ.
Фон дер Лејен вечерва во Берлин одржа заедничка прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел на која и двете политичарки уште еднаш го потенцираа значењето на европската перспектива за земјите од Западниот Балкан.
– Цврсто сум убедена дека за нас е од големо стратегиско значење да го приближиме Западниот Балкан што поблиску до ЕУ. Се додека не можат да се отворат пристапните преговори со сите сили ќе се обидувам да развивам заеднички проекти кои по патот на потесната соработка ќе ги приврзат земјите од Западниот Балкан поблиску до нас. Ако ние не го сториме тоа, некои други ќе го искористат вакумот, а тоа не го сакаме. Албанија и Северна Македонија презедоа неверојатни напори за да ги исполнат критериуми кои ние од нив ги баравме – рече Фон дер Лејен.
И Меркел ја критикуваше блокадата на Франција.
– Уште еднаш кажав дека од стратегиски европски интереси, сметам дека е од екстремна важност овие земји да не ја загубат надежта за членство во ЕУ – рече Меркел.