Поранешниот извршен директор на „Мекдоналдс“ Стивен Истбрук ќе добие отпремнина од 41,8 милиони долари откако неговата љубовна афера со вработена во компанијата ја прекрши политиката на синџирот за брза храна, пренесува „Ен-пи-ар“.
Висината на отпремнината покрена расправа во САД за нееднаквоста во заработката помеѓу дното и врвот на корпоративната скала. Во пакетот на Истбрук се вклучени и акции и други финансиски погодности.
– Тој си заминува со многу пари и тоа е само дел од приказната според која еден отсто од луѓето добива многу повеќе пари во однос на другите вработени во денешната економија – вели Стјуарт Шваб, професор од универзитетот „Корнел“.
Згора, помалку е невообичаено извршен директор да добие отпремнина по отказот. Но одборот на директори на „Мекдоналдс“ беше решен отпуштањето на Истбрук да не биде образложено со конкретна причина, бидејќи парницата во долготрајниот спор може да биде незгодна и скапа.
– Се впуштив во консензуална врска со вработена, која ja прекрши компаниската политика на „Мекдоналдс“. Ова беше грешка – наведе Истбрук во отвореното писмо упатено до вработените во познатиот синџир за брза храна.
Податоците на „Мекдоналдс“ откриваат дека Истбрук заработил 15,9 милиони долари минатата година, што е за 2.124 пати повеќе во однос на просечната заработка на работник во „Мекдоналдс“ од Унгарија, со скратено работно време. Просечната плата на вработените од САД изнесува девет долари на час.
Истбрук му се приклучи на „Мекдоналдс“ во 2015 година, а неговиот период поминат во синџирот за брза храна беше проследен со пофалби, откако акциите на компанијата забележаа историски раст по неговите напори за повторно осмислување на рестораните и менито. Но, истовремено, „Мекдоналдс“ се соочи со обвинувања за сексуално вознемирување на работничките од страна на нивните колеги и претпоставени.