Битола денес одбележува 75 години од ослободувањето на градот. Денешните активности, по повод овој историски значаен датум, 4 Ноември, почнаа со прием на делегација од Општинскиот одбор на Сојузот на борците во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска. На средбата се разговараше за повеќе важни теми кои се однесуваат на заштитата на културно – историските споменици и спомен
обележјата подигнати во чест на загинатите борци, како и за повеќе активности во оваа насока кои ќе следуваат во идниот период, а се однесуваат на оддавање достојна почит на оние кои ги положија своите животи за денешната слобода на Битола.

Денешното чествување продолжи со положување на цвеќе пред спомникот на НОАВМ пред Центарот за култура во Битола, каде покрај градоначалничката Наташа
Петровска, претставници на Советот на Општина Битола и претставници на Сојузот на борци, присуствуваа и делегации од збратимените градови: Епинал и Херцег Нови, како и делегација од пријателската Општина Конак од Измир, Република Турција, со која наскоро ќе следува збратимување.

Градоначалничката Петровска по полагањете букет свежи цвеќиња пред споменикот на борците од НОВ и Револуцијата испрати честитка до сите свои сограѓани, притоа нагласувајќи ја важноста на нашето денешно делување за иднината на сегашните и
генерациите кои доаѓаат.

– Денес е празник кој што многу ни значи, заради тоа што, денешницата ја имаме
токму заради тие луѓе коишто ја извојуваа победата во едни тешки времиња. Нека ни е честит празникот 4 Ноември и нека ни се множат уште многу години. Да сме здрави, живи и исполнети во нашите срца – изјави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

М.М.