Здружението на сточари „Агроцентар“ од Велес, поддржано од други земјоделски здруженија, организира протестен марш во Скопје, како резултат на ненавремена исплата на субвенциите и нецелосно исполнување на барањата испорачани пред една година.
Маршот почна околу 12.30 часот од „Мавровка“, по што со шест трактори напред и транспаренти насобраните се упатија до Владата. Освен сточари, на него присуствуваат и овоштари, лозари, тутунари.
Претседателот на „Агроцентар“, Митко Јанков, вели дека протестот се одржува поради глувоста на Владата за сточарите и нема никаква политичка позадина.
На протестот учествуваат и членови на Регионалното здружение на лозари од Кавадарци, на Здруженито на овоштари од Ресен, оризари од Чешиново – Облешево, тутунари од Прилеп, сточари од Тетово и Гостивар, како и други индивидуални земјоделци.
Министерот за земјоделство Трајан Димковски вчера на прес-конференција рече дека не гледа причина и повод земјоделците да излезат на протест, но сепак оцени дека тоа е нивно право. Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протестот.