Во организација на Францускиот институт во Скопје, вечерва, во 20 часот, во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), ќе се одржи концерт на македонската група „Фолтин“ со наслов „Фолтин за франкофонијата“. Концертот се организира во рамките на одбележувањето на франкофонијата во Македонија.
Веќе 20 години „Фолтин“ е на врвот на македонската арт-сцена. Групата има одржано многу концерти во регионов и надвор, а има издадено и осум успешни албуми.
„Фолтин“ е една од најпознатите македонски групи чиј начин на музицирање, честопати квалификуван како надреален, создава интензивен и срдечен амбиент, а нејзините настапи се претвораат во вистински перформанси. Музичкиот јазик на „Фолтин“ е замислена фонетска мешавина на неколку јазици, меѓу кои шпанскиот, португалскиот, романскиот и особено францускиот јазик.
На концертната програма се познати француски шансони во модерен и оригинален аранжман и песни од нивните албуми.