Дали тежнеењето на Македонија да се интегрира во НАТО значи спротивставување на Москва или целта е паралелно со обидите за реализирање на оваа стратегиска цел да се развиваат и односите со Руската Федерација

Високи претставници на официјалната Москва, вторпат за еден месец, отворено го коментираа можниот влез на нашата држава во НАТО. Имено, како што пренесоа агенциите, на неодамнешната средба на македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов, со рускиот заменик-министер за надворешни работи Александер Грушко, Русинот рекол дека „плановите за влез на Македонија во НАТО може да имаат негативни последици за регионалната безбедност и билатералните односи“. Претходно, пак, во интервју за српската агенција „Бета“, слична порака испрати и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој изјави дека „проширувањето на НАТО со Македонија е грешка“. Освен тоа, Лавров во интервјуто оцени дека проширувањето на НАТО „претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“.

Од друга страна, веднаш по средбата на Карајанов со Грушко во Москва, македонскиот премиер Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по тематската седница на Владата во вторникот порача дека тежнеењето на Македонија да се интегрира во НАТО не значи спротивставување на Русија и дека тоа членство е повеќедецениска аспирација на македонските граѓани. Според Заев, зачленувањето во НАТО е важно за стабилноста и безбедноста на Македонија и на регионот, но Македонија како своја стратегиска цел го има и унапредувањето на соработката со Руската Федерација, пред сѐ на економски, културолошки, образовен и на секаков друг план.
– Сакам да напоменам дека уште во 1993 година со заедничката декларација во парламентот, Македонија ги има утврдено своите стратегиски приоритети, меѓу кои е НАТО-интеграцијата. Впрочем, тоа е и израз на огромното мнозинство – над 75 отсто од граѓаните се за интегрирање во НАТО. Интегрирањето во НАТО е многу значајно и за стабилноста и безбедноста на Македонија, но и на целиот регион – рече Заев.
По сето тоа, „Нова Македонија“ се консултираше со аналитичари и со дипломати, упатени во односите помеѓу Скопје и Москва, и од нив побара прогнози за евентуално влијание на овие, во голема мера, спротивни ставови, на политичките, економските и безбедносни релации помеѓу двете земји.
Македонскиот дипломат и публицист Драган Јањатов на последниот развој на ситуацијата помеѓу Македонија и Русија гледа со доза на резерва. Јањатов лично не верува дека е можно да дојде до некое влошување на односите меѓу двете држави, поради македонските аспирации за членство во НАТО и во ЕУ.

– Мислам дека сѐ што се случило на состанокот во Москва во македонската јавност е преакцентирано. Лично верувам дека малку е необично на такво ниво да се даваат едни такви сериозни предупредувања. Такви сериозни пораки се прават на поинаков, дипломатски начин, а не како што информираа медиумите. Во практика, за да се пренесе сериозна порака, матичната држава го повикува амбасадорот на состанок на кој му предава нота со одредена содржина. Во последниот случај, тоа не било така, а разговорот меѓу Карајанов и Грушко, според соопштението, минал во убава клима – објаснува Јањатов.
Поранешниот дописник од Москва, новинар Мирче Адамчевски, пак, истакна дека со овие политички чекори, кои сега ги презема Русија, Македонија добива само поголем стимул и мотивација да го забрза своето членство во ЕУ и во НАТО.
– Анализирајќи ја ситуацијата мислам дека Москва со овие гестови ја прави истата грешка од пред некоја година со Црна Гора со која се врши оддалечување на двете земји – изјави Адамчевски.