Албанскиот премиер Еди Рама, по средбата што ја одржа со претседателството на неговата Социјалистичка партија (ПС), ја обвини опозицијата дека се обидува да го попречи процесот на европска интеграција за Албанија. Тој го отфрли барањето на опозицијата за оставка по одлуката на Советот на ЕУ да не се отворат преговори со Албанија.
Рама го повтори ставот дека неотворањето на преговорите за Албанија не се должи на недостаток на напредок на земјата, туку на внатрешните проблеми на ЕУ.
-Двете држави, Албанија и Северна Македонија, не можеа да го добијат она што им следува, како резултат на внатрешниот судир во европското семејство – посочи Рама.
Тој додаде дека оваа одлука не менува ништо за земјата и дека владата ќе продолжи со реформите.
-Но, како што можете да видите, сонцето повторно изгреа, денот повторно почна и нашиот пат продолжува без никаков потрес и изедначување. Во практична смисла, ние сме јасни, мора да ја продолжиме нашата работа секој ден. Дури и да имавме „Да“, задачите се исти – нагласи премиерот Рама.
Тој потврди дека набргу ќе има значајни средби, меѓу кои ќе биде и средбата со францускиот претстедател Емануел Макрон. Истакна дека Социјалистичката партија ќе го води напред процесот на реорганизирање, дека ќе продолжи работата со изборните реформи и дека се добредојдени сите страни кои сакаат да придонесуваат.