на Даница Ручигај
Очите ѝ се свртени кон неа самата. Дали се смешка? Чувствува нема да остари. Го замислува своето едро, бело тело без брчки, без кал, без шевови. Посакува да се ослободи од ношницата. Го повлекува пердето.
Не сака да го чуе завивањето на кучињата, дробењето на зградите, уривањето на мостовите, врисокот на мајките. Сепак, нејзината смрт изгледа патетично, растажува. „Танјуговата“ фотографија: телото на носила, прекриено со бел чаршаф и нагаравените лица на присутните, со речиси задоволен навев, како да не станува збор за преживеани, туку за компанија оџачари.
Реномираниот писател за деца тврди дека таа со загрижените прсти го прегрнала ракописот со последните песни. Во јулската мугра, кога и најмоќниот дом, Домот на армијата, се урна како да е од песок.
Недалеку, до расцутените ѕидови на некогашната железничка станица – возови со меѓународна помош во храна, лекови, ќебиња и „други неопходни артикли“. По ѓаволите со умирањето! Таа беше само нестрплива, сакаше да ги раздвои гранките на времето како да се од памук. Дупките, барите, бездните… ги прескокнуваше во црната, припиена роба, нималку стеснета, без страв од епидемија, пад, студена војна.
А кога ќе помислеше на крајот на патот, или на слепата уличка, тоа беше метафора, естетско дразнење. Постои уште една верзија: на фотографијата нејзиното лице беше обележано, нагрдено, дури и некои од Радиото што ја познаваа единствено преку злобните приказни не сакаа да ја препознаат. Тоа не можеше да биде Ана! Така е раширена веста за „Танјуговата“ фотографија – трогателна, но без рана, физичка болка, крв – што некако го разнежуваше ужасот од хорор-епизодите на Апокалипсата, кои кружеа меѓу вознемирените групи луѓе во пижами или маички, собрани пред шаторите. Ритуалот ги зближува унесреќените – земјотресот беше настан од најблиската, заедничка митска повест што ја храни колективната фантазија…