Меѓународниот комитет за спас (ИРЦ) предупредува дека турската офанзива во североисточниот дел на Сирија може да предизвика раселување на 300.000 луѓе и да ги загрози активностите на хуманитарните организации.
– Голем број од овие луѓе веќе повеќе пати биле раселени и страшно страдаа под бруталната власт на Исламска држава, само за да се соочат со уште една криза – изјави директорката на ИРЦ, Митси Басвел. ИРЦ упати апел до турската Влада да ги запре нападите и сите страни да го почитуваат меѓународното право за заштита на цивилите.
Турската војска извршила напади на 181 мета во Сирија
Турското Министерство за одбрана објави дека турките сили во рамки на акцијата „Извор на мирот“ на северот на Сирија досега извршиле напади врз 181 мета на терористичките организации. Нападите биле извршени со воздушни сили но и со друга воена поддршка.
Турските вооружени сили (ТСК) и Сириската национална армија (СНА) вчера ја започнаа операцијата „Извор на мирот“, за која се наведува дека е со цел „да го врати мирот и безбедноста во регионот и уништување на терористичкиот коридор којшто терористите имаат намера да го воспостават јужно од границата со Турција“.
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека терористите се единствената цел во рамките на операцијата. Тие наведуваат дека операцијата се спроведува во согласност со меѓународните законски стандарди и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации во однос на борбата против тероризмот.