Со интонирање на химните на двете држави (овој пат без текст туку само со музичкиот дел) започна вчера одбележување на Денот на националното единство на Германија, кој годинава се совпаѓа и со уште еден јубилеј, 30- годишнината од падот на ѕидот, кој повеќе од 28 години ја делеше Германија во времето на Студената војна.
На свечената церемонија, во присуство на голем број гости од политичката и од општествената сфера во државата, се обрати амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, кој изрази оптимизам дека од Советот на ЕУ ќе има јасно гласање за европскиот пат и за понатамошната ЕУ-перспектива на Северна Македонија.
– Задача на власта и на опозицијата ќе биде да ја искористат заедно оваа шанса и со тоа да ја исполнат својата политичка одговорност – истакна амбасадорот Герберих.
Притоа како клучни точки на реформите, кои треба да ги спроведе нашата држава, тој ги посочи правосудството, реформата на институциите како и создавањето слободни и независни медиуми.
По повод настанот беше претставена и скулптура на мечка, наречена Бошко, како симбол на демократија, толеранција и разбирање меѓу луѓето, дело на уметникот Сергеј Андреевски.