Здружението „Црногорско движење“ бара од Обвинителството на Црна Гора да му се забрани на српскиот патријарх Иринеј влез во земјата и учество на манифестацијата по повод 800 години автокефалност на Српската православна црква, пренесува порталот на Радио-телевизија на Црна Гора.
Црногорското здружение ќе поднесе кривична пријава до Врховното државно обвинителство против организацискиот одбор, за одбележување на оваа годишнина на Српската православна црква, со кој раководи митрополитот Амфилохије. Припадниците на „Црногорско движење“ ги обвинуваат организаторите за извршување на повеќе кривични дела, како што се дејствување против уставното уредување и безбедност, предизвикување национална, расна и верска омраза и девастација и присвојување на културното богатство.
Барањето за забрана за влез на Иринеј е поради неговата изјава дека „состојбата на црквата во Црна Гора е полоша од времето на Османлиите, а за Србите полоша под НДХ“, пренесува РТЦГ.
Собирот на приврзаниците на Српската црква е планиран за 27 и 28 септември, во манастирот „Подластва“, а централната прослава е насловена „800 години автокефалност на Српската православна црква и светост во Црна Гора и Бока“.