Грета Тунберг

Спајкд

Не ја спасувајте планетата, треба да ја спасиме Грета од смртоносниот култ на екологијализмот

Секој возрасен што го поддржа говорот на Грета Тунберг вчера во ООН треба да се засрами. Нејзината трогателна тирада беше тешко да се гледа. Видовме една млада жена, поточно девојка, која е ужасната од морбидното и мачно верување дека полека се уништува животот на планетата. Нема поцврст доказ од ова дека зелената идеологија сериозно ја расипува следната генерација со тоа што ја храни со страв, паника и болни ставови дека крајот на светот е близу. На планетата не ѝ треба спасување, туку на Грета. Таа треба да се спаси од смртоносниот култ на еко-алармизмот.

Тажно беше да се гледа како шестнаесетгодишната Грета зборува низ солзи. Солзите беа разбирливи со оглед на тоа што таа верува дека животот на Земјата го гуши и го убива алчното, расипано човештво. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Пропаѓаат цели екосистеми. Ние се сме на почетокот на масовното истребување, а вие зборувате само за пари и бајки за постојан економски развој. Како се осмелувате? Со секој кошмарен збор, со секое болно дистописко предвидување за пропаст, нејзиниот глас трепереше и ја надвладуваа чувствата. Таа се распадна пред очите на целата јавност. Секако, политичарите перверзно аплаудираа, затоа што најмногу сакаат кога едно исплашено и дезориентирано девојче ќе им каже колку се ужасни.

Кој ѝ го направи ова на Грета? Кој ја претвори паметната и љубопитна шестнаесетгодишна ученичка во пророчица на хоророт, во млада жена која е преплашена и верува дека Земјата е на раб на уништување? Токму возрасните. Виновни се еколошки задоените образовни, политички и културни елити. Виновни се луѓето кои со години ги трујат децата со стравови од загадувањето на животната средина. Нивниот секуларарен армагедонизам, намерното претерување на сите проблеми на човештвото, спроведувањето на политиките на страв во обидот да ги натераат луѓето да го променат нивното наводно лошо и штетно однесување по животната средина, убеди многу млади луѓе дека нема иднина, човештвото е осудено на пропаст и бесцелно е да се оди на училиште, па уште повеќе да се планира животот, затоа што сите наскоро ќе умреме. Тие ѝ го направија ова на Грета и другите како неа, а тоа не е за простување.

Размерите до кои возрасните ги индоктринираа децата со вакви нихилистички стравови за животната средина беа јасно покажани во обраќањето на генералниот-секретар на ООН, Антонио Гутереш. Вчера на отворањето на самитот за климатска акција на ООН, на кој Грета го одржа својот трагичен говор, Гутереш изјави дека „природата е лута“. Какво е ова празноверие? Токму предмодернистичко. Ваквото антропоморфизирање на природата е од клучно значење за еко-алармистичките гледишта што опфаќаат сè од шумски пожари до поплави, како казна за гревовите на човештвото, односно природата се одмаздува на вирусот на човештвото и „бајките за постојан економски развој“, како што наведува Грета. Во библиските времиња, природните катастрофи и наездата на скакулци се сметаа за казна од господ за грешниците. Сега слушаме за „временски услови за масовно уништување“ и како „природата го истура својот гнев“, и воедно планетата нè казнува поради гревот на економскиот развој. Зборовите се различни, но заостанатоста и хистеријата се страшно слични.

Грета Тунберг навистина е за почит од повеќе аспекти. Таа е силно мотивирана и елоквентна. Но очигледно е дека ја искористуваат. Таа е ставена во првите редови на најстрашното и најсуеверно движење во нашата ера. Таа е претворена во главна портпаролка на апокалипсата, гласноворничка за екомизантропијата, пророчица на ужасите на човештвото за кои самото е виновно. Се чини дека целта е екологијализмот да стане неспорна, недопирлива идеологија. Секој што барем малку ќе се посомнева во еколошките глупости ќе се најде на удар затоа што ги критикува Грета и другите деца како неа, што се грижат за природата. Овие деца се користат како морален штит од страна на возрасните кои сакаат да ги заштитат бизарните политики на екологијализмот од сомнежи и критики.

Сето ова е крајно цинично и штетно. Штетно е по јавната дебата, штетно е по критичката дискусија и штетно е по децата кои се вовлечени во овој застрашувачки, беден светоглед да играат улога во сценската армија на сопственото губење на довербата во човештвото и во економскиот развој. Доволно е, ослободете ја Грета. Престанете да ја задојувате со култот на стравот и вратете ја на училиште и на нормалниот тинејџерски живот. Ако веќе мора да има дете што ќе се обрати пред сите во ООН, тогаш земете тинејџер од Африка или од Индија, кој верува дека економскиот развој не е бајка, туку апсолутно неопходен за да ги спаси од сиромаштија. Доволно слушавме од западната средна класа која верува дека економскиот развој е штетен. Да слушнеме некој од останатите неколку милијарди жители во светот, кои воопшто не се согласуваат со ваквите негативни, античовечки, западноориентирани глупости.

Превод: Билјана Здравковска