Деан Дамјановски, режисер

Правењето претстави за деца има благородна цел, а тоа е пренесување идеи за добро и целисходно живеење низ средствата на театарот. Во оваа форма можам да си дозволам да ѝ дадам простор на фантазијата, повеќе отколку во театарот за возрасни. Возрасните се многу „рационални“. И тука знаеш на што си – или им се допаѓа претставата или не, ја нема таа навивачка публика или критика што може да го промени тоа, вели Дамјановски

По успешната премиера пролетта на детската претстава „Том Соер“ во Театарот за деца и младинци, во режија на Деан Дамјановски, од минатата недела претставата повторно се најде на репертоарот. Приказната за авантурите на младите Том Соер и Хаклбери Фин е оживеана преку успешната соработка на Дамјановски со драматургот Горјан Милошевски. Сценографијата е на Филип Коруновски, додека, пак, костимите се на Елена Вангеловска. За музиката се погрижи Горан Трифуновски-Пајак.
Деан Дамјановски на театарската публика ѝ е познат по своите претстави: „Во самотијата на памучните полиња“, „Приказни од шестиот кат“, „Грев или шприцер“, „Жив чоек“, „Учени жени“, „Горчливите солзи на Петра Фон Кант“, „Хамлет за почетници“, „Дванаесетта ноќ“, „Пепелашка“ и други. Во разговорот за „Нова Македонија“ тој открива повеќе за својата љубов кон детскиот жанр, како и за процесот на подготвување на „Том Соер“.

Минатата недела вашата детска играна претстава „Том Соер“ беше повторно изведена во Театарот за деца и младинци. Дали посетеноста сѐ уште ги исполнува вашите очекувања, како реагира публиката?
– Септември одамна е започнат, а со тоа и новата сезона во театрите. Имајќи предвид дека „Том Соер“ е релативно нова претстава на репертоарот на Театарот за деца и младинци, премиерата беше во мај, годинава, нормално е нејзиниот живот допрва да започнува. Од она што можев да го видам на премиерата, а и на неколкуте изведби потоа, мислам дека станува збор за претстава што ќе има долг век на репертоарот на ТДМ.

Ова не е ваша прва претстава за деца. Што е она што најмногу ве исполнува кога работите на проект од ваков тип?
– Ова е моја четврта соработка со Театарот за деца и младинци од Скопје. Претходни претстави, од кои некои сѐ уште се на репертоарот, се „Малата Сирена“, „Грдото пајче“ и „Пепелашка“. Одделно сум работел и детски претстави во мојата матична куќа, театарот „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес, во театрите во Штип и во Охрид. Го сакам овој жанр од неколку причини. Прво, зашто сметам дека правењето претстави за деца има благородна цел, а тоа е пренесување идеи за добро и целисходно живеење, низ средствата на театарот. Второ, зашто во оваа форма можам да си дозволам да ѝ дадам простор на фантазијата, повеќе отколку во театарот за возрасни. Возрасните се многу „рационални“. И трето, зашто овде знаеш на што си – или им се допаѓа претставата или не, ја нема таа навивачка публика или критика што може да го промени тоа. А информацијата за тоа дали си ја погодил претставата или не, брзо се шири меѓу децата и нивните родители.

Како се одвиваше процесот на работа додека ја подготвувавте претставата? Како потекна идејата за „Том Соер“ и на кој начин успеавте да ја доближите оваа приказна до најмладата публика?
– Идејата за „Том Соер“ е малку поодамнешна и доаѓа од некои разговори со претходни раководства на театарот. Но тогаш имав други планови, така што таа идеја остана во фиока. Нешто подоцна сличен разговор водев со композиторот на музиката за претставата, Горан Трифуновски-Пајак, кој исто така се загреа за проектот. Уште повеќе што и драматургот, Горјан Милошевски, кој е дел од овој проект, веќе имаше идеја за драматизацијата на романот „Авантурите на Том Соер“. Па една година (2018) проектот не помина на конкурсот во Министерството за култура за Националната програма, па конкуриравме уште еднаш и, ете, му дојде времето тој да се реализира. Како што реков, мене ова ми е четврта соработка со ТДМ и можам да речам дека добро се познаваме со ансамблот, што не значи дека се опуштаме во секој нов проект. Прво Горјан дојде со една драматизација на романот, која подоцна во текот на пробите и надвор од нив ја доработивме за да служи на нашата сценска верзија, така што во неа има доста ситуации, па и некои ликови и односи што или ги нема во оригиналот или се маргинални. Она што особено влијаеше врз финалната верзија и на драмскиот текст и на претставата беше музиката на Пајак, што ја носи таа комична вестерн-атмосфера, која е доминантна во оние педесетина минути колку што трае претставата, а за која исто така придонесоа и сценографијата на Филип Коруновски и костимите на Елена Вангеловска. Претставата има убав прием кај публиката поради многу фактори – звучниот наслов, визуелниот дел, музиката и особено заразниот сонг, играта на актерите, која изобилува со гегови, мимика, гестови, како и пред сѐ, приказната, за едно дете, кое, од палавко станува херој на еден град. А тоа е лик со кој секое дете (па и возрасен), независно во кое време живее и колку бесплатен интернет има на располагање, би сакало да се идентификува.

Земајќи ги предвид незадоволителните услови што ги нуди Театарот за деца и младинци, како се одвива работата во тој простор? Како се справувате со ограничувањата и дали сметате дека тоа влијае врз квалитетот на продуктот?
– Во моите скоро 20 години професионална работа во театар, сум работел во повеќето театарски институции во државата, во секакви услови, и можам да кажам дека нема театар што нема свои проблеми од различна природа – инфраструктурна, техничка, логистичка, кадровска – со кои секој менаџмент се справува дневно, повеќе или помалку успешно. Со ова не сакам да го минимизирам или релативизирам проблемот на овој или оној театар. Јасно ми е дека кога станува збор за инфраструктура тоа не е нешто што може да се реши прекуноќ, но треба да се почне од некаде, како што во случајов на ТДМ веќе има и најави. Задачата на секој автор, уметник е да ги претвори ограничувањата во креативен предизвик, кој ќе донесе различни и иновативни решенија.

Кои теми најчесто се провлекуваат низ вашите дела? Дали можеби свесно или потсвесно се фокусирате на одредени тематики или, пак, се обидувате да внесете разновидност во вашите претстави?
– Она што ме интересира да правам, па и да гледам на сцена, се живи ликови и нивните приказни – зошто го прават тоа што го прават. Не верувам дека театарот како медиум може да пренесува идеи, туку така, на голо, памфлетно, без посредство на ликови и приказни со кои гледачот може да се идентификува, да биде емпатичен кон нив и да го поттикнат на размислување. Ете, мене во последно време многу ме интересираат теми што третираат односи меѓу половите.

Што може следно да очекува театарската публика?
– На 14 септември на големата сцена на Велешкиот театар имавме премиера на комедија „Одам на лов“ од Жорж Фејдо. Една француска фарса, напишана по сите правила на жанрот, која во нашата верзија беше осовременета и поставена во денешен глобален контекст. Судејќи по премиерата, а и по неколкуте полни изведби потоа, верувам дека претставата ќе си го најде своето место на репертоарот на Велешкиот театар и ќе има долг живот.