Словенецот Примож Роглич, своевремено светски јуниорски првак во скијачки скокови, вчера беше пред триумф на една од најголемите три велосипедски трки во светот, трката околу Шпанија, позната како Вуелта

Примож Роглич (29) од холандскиот тим Џамбо-Висма вчера беше на прагот да стане првиот победник од Словенија на т.н. грандтур-трка, откако го задржа водството во генералниот пласман по претпоследната етапа на 74-то издание на трката околу Шпанија, позната како Вуелта.
Синоќа се возеше последната етапа од трката годинава, пред која Роглич имаше повеќе од две минути предност пред Шпанецот Алехандро Валверде. Според традицијата, Роглич не треба да биде нападнат во последната етапа од една грандтур-трка. Вчерашната, 21-та етапа се возеше од Фуенлабрада до Мадрид, во должина од 106,6 километри.

Сонародникот на Роглич, Тадеј Погачар, кој има само 20 години и ја возеше својата прва грандтур-трка, во 20-та етапа на Вуелта ја оствари својата трета етапна победа за незаборавен ден за словенечкиот велосипедизам. Роглич беше пред вкупен триумф, Погачар ја обезбеди победата во пласманот на млади возачи, а се искачи и на третото место во генералниот пласман на годинашната велосипедска трка околу Шпанија.
Роглич е поранешен натпреварувач во скијачки скокови, спорт во кој во 2007 година беше јуниорски тимски светски првак со репрезентацијата на Словенија. Тој се натпреварувал во скијачки скокови до 2011 година, а неговиот личен рекорд е 183 метри. Во 2012 година заклучил дека не може да биде во светскиот сениорски врв и решава да го смени спортот и да почне со велосипедизам, а веќе во 2015 година победил на трката околу Словенија.

На грандтур-трките, најголем успех досега му беше третото место годинава на Џиро д`Италија, а на Тур де Франс лани беше четврти.

Најмногу победи на Вуелта има Шпанецот Роберто Херас, четири (2000, 2003, 2004 и 2005 година), по три имаат Швајцарецот Тони Ромингер (1992, 1993 и 1994 година) и Шпанецот Алберто Контадор (2008, 2012 и 2014 година), а седуммина велосипедисти имаат по два триумфа.

Словенија стана 14-та земја со велосипедист што триумфирал на Вуелта, листа на која убедливо води Шпанија, со 31 победа. 


ПЛАСМАН НА ВУЕЛТА 2019

ТРКАЧ ЗЕМЈА

Примож Роглич Словенија
Алехандро Валверде Шпанија
Тадеј Погачар Словенија
Наиро Кинтана Колумбија
Мигел Ангел Лопез Колумбија


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ НА ВУЕЛТА

ТРКАЧ (ЗЕМЈА) ТРИУМФИ ПО ГОДИНИ
Роберто Херас (Шпанија) 2000, 2003, 2004, 2005
Тони Ромингер (Швајцарија) 1992, 1993, 1994
Алберто Контадор (Шпанија) 2008, 2012, 2014