Владата го осуди палењето на макети на премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска како и палењето на знамињата на Бугарија и Грција пред конзулатот на Македонија во Мелбурн. Од таму велат дека ваквите настани го нарушуваат имиџот на земјата и дека палењето знамиња на држави и макети од премиерот и министерката не се никаква одлика на патриотизам ниту, пак, се слика за нашата дијаспора.
– Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалското и недолично однесување на мала група пред конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн. Ваквите дејствија го нарушуваат имиџот на земјата, на македонскиот народ и на граѓаните на Северна Македонија во очите на демократската јавност – се вели во реакцијата.
Од Владата наведуваат дека говорот на омраза е одлика на едно минато и напуштено време на кое мнозинството од граѓаните во земјава и дијаспората се спротиставиле и кое е неприфатливо за домашните и глобалните демократски стандарди.
– Говорот на омраза поттикнува насилство, а сите кои потпалуваат нетрпение и конфликти треба да одговараат пред надлежните институции – се наведува во реакцијата.
Палењето знамиња на држави и макети од премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, велат од Владата, не се никаква одлика на патриотизам ниту, пак, се слика за нашата дијаспора.
– Овие срамни изолирани дејствија нема да наштетат на гордоста да се биде Македонец или граѓанин на нашата земја, дома или надвор од границите на Република Северна Македонија – реагираат од Владата по вчерашниот настан.