Со последните активности на Министерството за здравство, повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа. Хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се комплетно реновирани, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир се реновирани двете гинеколошки операциони сали првпат по четири децении. Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Универзитетската клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија.
Во овој процес се опфатени и здравствените установи во другите градови, како Здравствениот дом Велес каде комплетно е обновена службата за Итна медицинска помош, а во општата болница во Куманово е отворен новиот Ургентен центар, комплетно нов објект изграден од темел.
Активностите околу подобрување на условите во јавните здравствени установи, Министерството за здравство ги спроведува во континуитет со цел зајакнување на капацитетите на здравствениот систем. Паралелно се одвиваат и активности од поголем обем, како градењето на новата Клиничка болница во Штип, што е во процес.
Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара Градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата. Градежните зафати од реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се комплетирани до 80 отсто од целосното реновирање. Како што е дефинирано според планот, до крајот на годината ќе почнат работите и на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје.
Во периодот што следи уште 34 јавни здравствени установи во државата ќе бидат опфатени со активности за реновирање и подобрување на општите услови за работа. На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) веќе е почната постапка за набавка со која ќе биде опфатено комплетно молерисување на сите внатрешни простории, поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци, замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.
Со реновирањето на здравствените установи низ целата држава и унапредување на условите за престој на пациентите, здравствените услуги, како и условите за работа на здравствените работници, здравството во Република Македонија е подигнато на повисоко ниво.