Учесниците вклучени во проектот „Јас го сакам Кичево“, што се состоеше од три активности, денес ги добија своите сертификати, како доказ дека биле активно вклучени во овој проект кој летово беше реализиран во градот.
Со овој проект, најпрво во средиштето на Кичево, од страна на учесниците беше извршено партерно сликање и изработка на еден поден мурал, потоа на зградата на поранешната „Македонска банка“ на еден ѕид беа насликани голем број срциња како доказ за неограничената љубов кон родниот град, а третата активност беа муралите насликани на спортската сала во гимназиите „Мирко Милески“ и „Дрита“.
– Волонтерите што беа вклучени во трите активности поврзани со проектот со работен наслов „Јас го сакам Кичево“, денес ги добија сертификатите со кои се потврдува дека биле вклучени во трите активности што го сочинуваа овој проект. При првата активност, во центарот на градот партерно беше насликан плоштадот и изработен еден поден мурал, потоа еден ѕид од поранешната „Македонска банка“, кој порано служеше за лепење на плакати, го оплеменивме со тоа што најпрво го бојосавме во бела боја, а потоа на него насликавме и голем број срциња, како доказ колку го сакаме нашиот град. Третата активност со која го заокруживме овој проект ја спроведовме на еден ѕид од спортската сала на средните училишта, нацртавме повеќе птици и други мурали, со што уште еднаш ја потврдивме главната порака на целиот проект „Јас го сакам Кичево“ – истакна Албина Сефадини, координатор на проектот.
Од нејзина страна беше најавено дека и следните години со слични проекти ќе бидат оплемени и други ѕидни површини во градот, со што Кичево ќе добие и сосема поинаков, европски, лик. Таа очекува во наредните проекти да се вклучат и нови волонтери кои ќе дадат полн придонес во имлементација на новите содржини и мурали.
З.А.