Акцијата за чистење и уредување на јавните површини која ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини денеска продолжи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.
За време на спроведувањето на акцијата на јавните претпријатија увид во состојбите на терен извршија градоначалниците на Скопје и општина Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски.
– Во текот на оваа акција на располагање на општините се става целиот потенцијал на градската администрација и јавните претпријатија. Наша крајна цел со оваа акција е да извршиме потемелно чистење и отстранување на дивите депонии коишто се наоѓаат внатре во самите општините, да го уредиме зеленилото, како и да ги санираме ударните дупки по споредните улици – рече Шилегов.
Во сите општини поставени се по три пункта на кои граѓаните можат да го одлагаат кабастиот отпад кои деновиве ќе биде подигнат од страна на екипите на „Комунална хигиена“. Шилегов истакна дека се планира да бидат отворен од 3 до 5 локации во секоја општина каде во определени денови граѓаните да можат без надоместок да го одлагаат кабастиот отпад.
Шилегов информираше дека на последниве денови во подножјето на Парк шумата Гази Баба имало обид за извршување на градежни работи и истите се прекинати по извршен увид на градските и општинските инспектори и претставници на МВР.
Тој додаде дека е констатирано неправилно вршење на работа и од понеделник ќе биде издадено решение за отстранување на песокот на инвеститорот во рок од три дена, а доколку тоа не го стори во овој рок истиот ќе биде отстранет од ЈП „Улици и патишта“ и тоа ќе биде наплатено на инвеститорите.