Проф. д-р Борис Анакиев
За успешно интегрирање на македонското земјоделство во тоа на ЕУ, од големо значење е познавањето на карактерот и особеностите на европското земјоделство. Во споредба со земјите со најразвиено земјоделство, како САД, Бразил, Аргентина, Канада и др., големината на земјоделското земјиште по жител во ЕУ е многу помала. Додека во САД изнесува 1,73 ха, во земјите-членки на ЕУ површината се движи од 0,13 до најмногу 0,91 ха по жител.
Овој показател укажува на неповолната позиција на Европа во однос на основниот производствен фактор – земјата, во споредба со другите земји, без оглед на природните услови. Се смета дека во една целосно либерална пазарна средина, европското земјоделство во целина ќе биде изложено на силна конкуренција. Споредбено слабиот земјоделски потенцијал ја објаснува протекционистичката политика кон земјоделството. Европа не смее да биде во голема зависност од увоз на храна, да ги препушти земјоделските региони на пропаѓање и деградирање на природната и животната средина.
Политичката задача да се достигне самозадоволување со храна при релативно мала земјоделска површина по жител, закономерно доведе до високоинтензивно земјоделско производство во Европа. Продукцијата по единица површина во ЕУ е значително повисока од таа во земјите со слична производствена структура.
Во исто време производствените трошоци за поголем број производи се повисоки, што значи дека производството во таков обем не може да се одржува без соодветна државна поддршка.
Главна карактеристика на европското земјоделство особено на ЕУ е дека тоа се базира на фармерски стопанства, пред сѐ со семејна организација на производството и трудот. Од самото формирање ЕУ се обврзува да ги поддржува семејните фарми, што не значи дека структурната политика го ограничувала производствениот процес на ширење на стопанството.
И покрај тоа, средната големина на фармите е релативно мала, околу 40 ха. Животната способност на тие фарми се базира на диверзификацијата на селската економија и зачувување на селската заедница како природна средина на вработените во земјоделството. Голем број експерти сметаат дека овој модел на развој е поуспешен, односно поприфатлив од социјална и еколошка гледна точка во споредба со американскиот, кој се базира на големи индустриски специјализирани фарми. Опстојувањето на фармерските стопанства е и еден од начините да се зачуваат културното наследство и традицијата на европските народи.
Континентот Европа располага со голема разнообразност на природни услови, кои овозможуваат широк спектар на земјоделски производи. Ширењето на ЕУ откри нови можности за збогатување на менито на нејзините жители.
Европскиот модел на земјоделство се оформуваше во високоразвиени земји, односно во држави што може да си дозволат финансиска поддршка на земјоделството. Намалувањето на учеството на земјоделството во БНП, вработеноста и трошоците на потрошувачката го олеснуваат товарот на буџетот и другите трошоци за поддршка. Во исто време, постигнатото ниво на достапност до храна (прехранбена сигурност), закономерно води до појавата на нови акценти во земјоделската политика.
Глобализацијата на светската трговија, зголемените барања на потрошувачката кон квалитетот на храната, грижата за чување на животната средина и ширењето на ЕУ станаа нови предизвици за европското земјоделство. Пред повеќе години центарот на европската земјоделска политика се помести од пазарни регулации кон целна поддршка, во одговор на зголемените општествени барања, односно прехранбена сигурност, квалитет на храната, ширење на асортиманот, благосостојба на животните, квалитет на животната средина и зачувување на селскиот амбиент. Тоа покажува дека времето на напори за зголемување на продукцијата е одамна одминато и дека денес европското општество има други очекувања од земјоделството.
Заедничката аграрна политика на ЕУ одамна се насочи кон градење на одржливото земјоделство, односно такво што води сметка за потребите на идните поколенија. Да се оствари одржливост значи:
– да се засили конкурентноста на секторот
– да се воведат еколошки одговорни производствени практики
– да се подобрат животните услови и економските можности во селските реони.
Практично, тоа наложи да се прекине врската помеѓу финансиската поддршка на земјоделството и обемот на продукцијата, што ќе придонесе производството да е повеќе пазарно ориентирано и конкурентно, со обезбедување стабилни доходи на производителите. Во исто време, во одговор на еколошките и социјалните предизвици, добивањето земјоделска поддршка не е безусловно и зависи од почитувањето на добрите земјоделски практики.
Не е лесно различните начини на мерења на одржлив развој да бидат секој пат идентични, многубројните регулативи можат да ја влошат конкурентската позиција на европското земјоделство, особено во услови на продолжена трговска либерализација. Глобализацијата на прехранбената индустрија и трговијата исто така наложуваат свои барања и контрола на квалитетот на производите. Поради тоа е потребно создавање упростена и ефективна регулаторска средина на земјоделско-прехранбениот сектор, што е од суштинско значење за конкурентска способност на европските производители. Градењето на системот за самоконтрола на прехранбениот синџир и дејствувањето на пазарните фактори е можен одговор на овој проблем.
Европскиот модел на земјоделство без сомнение е успешен. Структурните проблеми се решавани преку зацврстување на животоспособните стопанства и со помагање на оние што го напуштаат земјоделството, но се грижат за младите.
Актите на државата воопшто и делумно аграрната политика на земјата се усогласуваат со заедничката аграрна политика (САР) на ЕУ, но таа е динамична и мора постојано да се приспособуваме, за кога ќе се интегрираме во ЕУ, нашата аграрна политика целосно да се вклопува во принципите на заедничката аграрна политика на ЕУ, но и да ги одразува нашите специфичности.
До високиот протекционизам што го уживаат европските земјоделци, нашите земјоделци ќе можат да се доближат откако ќе станеме членка на Унијата. Дотогаш, ќе треба финансиската поддршка што ја добиваат од домашниот буџет најмногу и најрационално да ја вложуваат во конкурентско примарно производство, а помалку во стандардот на семејството, сѐ дури не ја подигнеме продуктивноста на приближно ниво на европското земјоделство.