Тоа што најмногу ги плаши битолчани е „Копанки“, кој сега ѝ е вратен на државата, да не го снајде истата судбина како и другите објекти, кои властите, дали локални или државни, ги присвоиле, а потоа ги оставиле да пропаѓаат. Еден од таквите примери е детското одморалиште на Пелистер, кое откако концесионерот се пензионира и му го врати на Министерството за труд и социјала, веќе неколку години стои заклучено и пропаѓа. Кога станува збор за односот кон имотот, Битола ја има и приказната со Офицерскиот дом
Кога пред неполни шест години, поточно на 28 јануари 2013 година, по диџеј-забавата на промотерите на клубот „Сноу борд“ од Битола изгоре планинарскиот дом „Копанки“ и планинарите во градот останаа без своето омилено катче каде што ги поминуваа најубавите моменти на Пелистер, веднаш беше ветено дека домот брзо ќе биде реновиран и оти дури ќе се изгради многу поубав и пофункционален. Сепак, и по речиси шест години од пожарот, тој не може да се издигне од пепелта.
Битола веќе шест години е без планинарски дом, кој беше вториот дом на илјадници не само битолски туку и планинари од целата Македонија и пошироко. И покрај многуте ветувања, како на претходната, така и на сегашната локална власт, не се најде начин како да се реновира пеплосаниот планинарски дом и истиот тој да им се даде на планинарите. Тој и натаму останува нем споменик на неорганизираноста на битолските власти.
Од пред неколку дена, со донесувањето на решението на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, со кое планинарскиот дом „Копанки“ му се одзема на планинарското друштво „Пелистер“ и ѝ се дава на државата, без својот планинарски дом остана и Битола. Сега, по донесувањето на решението од страна на градоначалничката Петровска, во Агенцијата за катастар на недвижности – Битола, треба да се изврши прибележување на сопственоста во јавните книги. А во решението на градоначалничката дословно стои дека за утврдување правен статус на бесправно изграден објект донесено под УП1 број 27-5932 од 21.12.2015 година со правосилност од 23.12.2015 година за бесправен објект, донесено на име здружение планинарски спортски клуб „Пелистер“, делумно се огласува за ништовно.
Ваквата одлука на градоначалничката Петровска предизвика различни реакции во битолската јавност. Иако многумина сметаат дека сега, по одземањето на „Копанки“ од планинарскиот клуб „Пелистер“, конечно ќе се откочат работите за целосно реновирање на домот, за што советот на Битола од општинскиот буџет веќе има издвоено 100.000 евра, многумина мислат дека дури сега домот нема да биде реновиран и дека „Копанки“ уште долги години ќе биде руина бидејќи сега за неговата судбина, наместо локалните, ќе одлучуваат судските власти.
Раководството на планинарскиот клуб „Пелистер“, кое буквално беше затечено од ваквото решение на градоначалничката Петровска, смета дека ваквата „конфискација“ на домот нема да помине и дека тие во судска постапка ќе си го вратат домот назад. Тие уверуваат дека домот е изграден со доброволни ударнички акции на планинарите на Битола уште во 1937 година, откако во поранешна Југославија добиле одобрение за градба, за што поседувале документи од Архивот во Белград.
Постарите планинари добро знаат како е граден домот. Него го градеа исклучиво планинарите со свои доброволни прилози и ударнички акции. Сите градежни материјали, кои се вградени во домот, беа носени на раце, со коњи, или магариња. И никој досега не ја имаше оспорено сопственоста на „Копанки“.
За потсетување е и дека легализацијата на „Копанки“ почна во 2011 година, кога планинарскиот клуб „Пелистер“ го побара тоа во согласност со законот за легализација на објектот. По дури пет години, на 21.12 2015 година, планинарскиот дом „Копанки“ беше легализиран и предаден на планинарскиот клуб „Пелистер“. Ни тогаш, кога планинарите го добија решението за легализација, ни подоцна, никој не го оспори правниот статус на „Копанки“. Затоа битолските планинари сметаат дека со најновото решение на градоначалничката, се врши класична конфискација.
И иако некои помислија дека со одземањето на домот ќе му се стави крај на случајот со „Копанки“, планинарите велат дека дури сега сѐ е на почеток. Сега целиот случај се сели во судските инстанци, а знаејќи како кај нас се одвиваат судските процеси и колку долго тие траат по сѐ изгледа ќе треба да протечат уште многу води по реката Драгор, дури да му се реши правниот статус на „Копанки“.
Тоа што најмногу ги плаши битолчани е „Копанки“ да не го снајде истата судбина како и другите објекти, кои властите, дали локални или државни, ги присвоиле, а потоа ги оставиле да пропаѓаат. Еден од таквите примери е детското одморалиште на Пелистер, кое откако концесионерот се пензионира и му го врати на Министерството за труд и социјала, веќе неколку години стои заклучено и пропаѓа. Кога станува збор за односот кон имотот, Битола ја има и приказната со Офицерскиот дом, кој откако државата ѝ го отстапи на општината, веќе неколку години е собиралиште на бездомници и наркомани и цел на крадците, кои го украдоа и уништија дури и најубавиот кристален лустер.
За разлика од локалните и државните власти, планинарите, пак, барем засега покажаа многу поголем интерес за реновирање на „Копанки“ и за негово враќање во функција. Но откако се вмеша политиката, домот веќе со години стои руиниран, иако притоа и претходната и сегашната локална власт, барем вербално, особено за време на изборите, уверуваа во нивната заинтересираност за негова изградба.
И сега, наместо општинското раководство да седне на заедничка маса со раководството на планинарското друштво „Пелистер“ и да се најде решение за изградба на домот, тоа, водејќи се од инает, им го одзема за целата приказна да тргне во најнепосакуваната и најнеизвесната насока, кон судските лавиринти.