Првиот терен со вештачка трева што во Кичево почна да се гради кон крајот на минатата година, целосно е завршен, и деновиве се очекува овој терен и официјално да биде предаден во употреба. Теренот е донација на ФФМ, чини околу 350.000 евра и е првиот терен воопшто изграден во земјава, со подлога базирана врз италијанска технологија.
– Теренот кој почнавме да го градиме кон крајот на декември, деновиве комплетно е завршен и се очекува наскоро и официјално да биде предаден во употреба. Вештачката трева за овој терен е увезена од Италија и за првпат се применува во нашата земја. Бидејќи теренот се наоѓа во непосредна близина на Зајаска Река, за негова изградба најпрво е подигнат бетонски сегмент со височина од еден метар, што ќе овозможи и при евентуално излевање на реката теренот да биде заштитен од поплави. Теренот со вештачка трева ќе биде со димензии 95 метри должина и 65 метри широчина. Поставувањето на вештачката трева го изведе една компанија од Србија а истиот го донира ФФМ, за што издвои 350.000 евра – истакна Ружди Алиу, од компанијата главен изведувач на работите на овој терен.
Инаку, фудбалската инфраструктура во Кичево од година во година е се подобра и подобра, а за тоа најдобра потврда се двата стадиони Градски и на Влазерими и трите помошни терени во градот и еден лоциран во СРЦ „Крушино“, бројка со која можат да се пофалат малку градови во земјава. З.А.