Најмалку три лица загинаа поради високите температури во централниот и северниот дел на Италија, а во Милано за 35 отсто e зголемeн бројот на лица кои во болниците се обраќаат поради здравствени проблеми предизвикани од жештините.
Во овој италијански град е значајно зголемена и употребата на електрична енергија поради активното користење на клима уреди, што понекогаш доведува до затемнување во некои продавници и ресторани, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Од друга страна, стотици пожарникари се борат со пожари во јужниот дел на Франција, особено во регионот Гард, каде што се регистрирани дури 45,9 Целзиусови степени и каде што изгореа околу 600 хектари земја, а уништени се и десетици домови и возила, соопштија службите.
Во гасењето на пожарот се вклучени 700 пожарникари и 10 авиони, а неколку патишта се затворени.
Француските медиуми објавија дека уапсен е еден човек поради предизвикување на пожар во Гард.
И во Шпанија се забележани многу високи температури, кои во некои региони достигнуваат дури 43 степени.
Во 40 шпански региони, од вкупно 50, на сила е метео аларм, а во седум области властите размислуваат за прогласување на екстремно ризична состојба.
Во североисточниот дел на Шпанија, во Жирона, температурата достигна 43,9 степени, додека каталонските власти соопштија дека ставиле под контрола 90 отсто од пожарите што зафатија повеќе од 60 квадратни километри земјиште во североисточната провинцијата Тарагона.
Како што е наведено, уште два пожари се активни во централниот дел на Толедо.