Центарфорот беше светски и двоен европски првак со Шпанија, европски шампион со Челси, победник во Лига Европа со Челси и со Атлетико…
Фернандо Торес (35), поранешниот напаѓач на Атлетико Мадрид, Ливерпул, Челси и на репрезентацијата на Шпанија заминува во фудбалска пензија. Фудбалерот што на терените е 18 сезони, сега е член на Саган Тосу во Првата јапонска лига и најави средба со новинарите на која ќе ги објави деталите.
Неговата кариера почна со Атлетико, пред преселбата за 20 милиони фунти во Ливерпул во 2007 година, каде што постигна 81 гол на 142 натпревари. Во 2011 година тој потпиша за Челси за 50 милиони фунти, тогашен британски трансфер-рекорд. Тој беше дел од екипата што славеше во Лигата на шампионите во 2012 година. Торес го освои и ФА-купот и постигна гол во победата со 2-1 против Бенфика во финалето на Лига Европа во 2013 година.
Торес се врати во Атлетико во 2014 година, со кој загуби во финалето на ЛШ во 2016 година од Реал Мадрид, но ја освои втората Лига Европа, во 2018 година, пред да заигра во Јапонија.
Како младинец Торес има две европски титули со Шпанија (категории до 16 и до 19 години, прв стрелец на двете ЕП и стрелец на победничките голови во двете финалиња). Тој одигра 110 натпревари за сениорската селекција на Шпанија, го постигна победоносниот гол за европската титула во 2008 година и беше стрелец на уште еден гол во победата во финалето на континенталниот шампионат во 2012 година, на кој ја освои и „златната копачка“. Торес, кој е трет стрелец во Шпанија со 38 гола, играше на шест големи турнири, вклучувајќи го и триумфот на Светското првенство во 2010 година.