Деветтоодделенката Софија Гешоска од ОУ „Гоце Делчев“ од Прилеп одлично го владее македонскиот јазик. Потврда за тоа е втората награда што ја освои деновиве на Државниот натпревар по македонски јазик и литература. Задоволна е и среќна, горда што го постигнала овој одличен резултат, а нејзината наставничка Билјана Јагуриноска вели дека Софија е скромна, искрена, вредна ученичка и чекори по патот на успехот со крената глава.
Одот до освојувањето на втората награда на државниот натпревар го започнала со постигнатиот успех на регионалниот натпревар и со тоа што освоила најмногу поени.
Натпреварот по македонски јазик и литература вклучува прашања од областа на јазикот и литературата, на кои Софија неприкосновено одговорила и од можните сто имала 94 бода.
Дека ѝ лежат македонскиот јазик и литература потврда е првата награда што ја освоила како осмоодделенка.
Гешоска е сестрана ученичка со многу други награди на регионални натпревари по француски јазик, биологија, математика и по хемија.