Кристијано Роналдо постигна хет-трик (од пет шута) на првиот полуфинален меч на завршниот турнир во Лигата на нациите (ЛН), Португалија – Швајцарија (3-1) во Порто, што значеше и пласман на Португалците во неделното финале со Холандија или Англија (играа синоќа).
Актуелниот европски првак до триумфот дојде со двата гола на Роналдо во финишот, во 88-та и 90-та минута и има шанса да го освои првиот трофеј во новото натпреварување. Роналдо (34) го постигна седмиот хет-трик во националниот дрес, сите во официјални мечеви (53-ти на клупски и на репрезентативен план), вкупно 88-от гол на 157-те натпревари. Роналдо постигнува гол за Португалија секоја година, почнувајќи од дебито во 2004-та.
Роналдо поради повреда и замор настапи на само два од последните осум меча за Португалија, односно ги пропушти сите мечеви во ЛН. На дуелот со Швајцарија дебитира новата надеж на Португалија, 19-годишниот Жоао Феликс, играчот на Бенфика. Од тој меч ќе остане забележана и конфузијата околу примената на технологијата видеоасистент-судија (ВАР). Судијата Феликс Брих досуди пенал за Португалија во 57-та минута, но по интервенцијата на колегите од ВАР-одделот, поради претходен прекршок во истата акција во 16-те метри на Португалија, ја смени одлуката и досуди пенал за Швајцарија.